Во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје, денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со изведување докази на одбраната, која има најавено 240 сведоци.
На претходното рочиште Јавното обвинителство истакна сериозни забелешки на трите вештачења и на сослушувањето на градежниот вештак Петре Русески, кој го има изработено градежното вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети.
Обвинителството оценува дека Русески не ги исполнува законските и стручните услови, како и методолошките стандарди неопходни за едно вештачење да претставува објективно и веродостојно доказно средство.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Процесот започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по катастрофалниот пожар што се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.


