Германци ќе го унапредуваат јавниот превоз во Струмица

Објавено:

Градоначалникот Петар Јанков и Општина Струмица се домаќини на делегација од Општина Шланген, Сојузна Република Германија, предводена од градоначалникот Маркус Пистер, во чиј состав е и тим експерти од областа на мобилноста. Фокусот на посетата е размената на искуства и можностите за унапредување на јавниот превоз во општината, соопштија од локалната самоуправа.

Во соопштението се наведува дека на официјалната средба меѓу градоначалникот Јанков и гостите од Шланген се разговарало за можностите за воспоставување партнерство меѓу двете општини во областа на одржливата мобилност, заштитата на животната средина, урбаниот развој и справувањето со климатските промени, како и за подготовка и реализација на заеднички проекти преку европски и меѓународни програми за финансирање.

„Главната цел на повеќедневната работна агенда е ставен на унапредувањето на организацијата, управувањето и функционирањето на јавниот градски превоз во општина Струмица. Преку стручна размена и анализа на постојниот систем, целта е да се утврдат можностите за негово понатамошно подобрување и зголемување на квалитетот и достапноста на услугите на ЈП „Струмица-Транспорт“. Во работната програма ќе учествуваат и четворица германски експерти за јавен превоз и одржлива мобилност“, соопшти Општина Струмица.

Јавниот превоз во Струмица почна да функционира во септември 2024 година, со десет електрични автобуси, во времето на Костадин Костадинов како градоначалник во тој период.