Петок, 15:30 минути. На една од градските автобуски постројки во центарот на градот полека се зголемува бројот на луѓе кои тој ден планираат да си одат дома со автобус. Јунското сонце „пржи“, а ветер нема или пак не се чувствува од вжештениот асфалт.
Дел од граѓаните си носат шише со вода, а некои од постарите госпоѓи имаат лепези и се обидуваат со нив да ја намалат нервозата од топлото време и долгото чекање.
Речиси сите гледаат во телефоните. Една од жените прашува зошто нејзиниот автобус не дошол, кога на апликацијата на ЈСП и пишува дека пристигнува за 5 минути.
Не се потпирајте на тоа што го пишува на мобилната апликација, и вели еден господин на жената.
„Не се точни апликациите, честопати не се точни ни дисплеите на постојките. Ќе си чекаш и може ќе си дочекаш“, вели тој.
Место за седење нема за сите, а нема ни сенка за да се заштитат од силното сончево зрачење.
„Со години истата приказна. Ништо не се менува на подобро. Често ми се случува да пишува дека доаѓа мојот број на автобус на апликација, па одеднаш ќе го снема, а ти си чекаш и си мислиш дека еве за уште некоја минутка ќе го видам мојот автобус“, вели скопјанката Данче Илиева.
„Автобусите доцнат преку цела година, а можам да замислам како ќе биде летово, кога учениците се на распуст, и се користат годишните одмори. Буквално е бинго да ти дојде навреме тројка или пак да дојде брзо следна ако си ја испуштил претходната“, вели средношколецот Виктор, кој живее на Водно.
ЈСП најавува оптимизација на на ресурсите во летниот период
И од Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) ги потврдуваат овие дилеми. Велат дека во летниот период, согласно вообичаената практика и анализите на бројот на патници, се вршат одредени прилагодувања на возниот ред.
„Тоа може да вклучува редукција на дел од поединечни поаѓања на линии каде што е забележена намалена фреквенција на патници. Сите промени се прават со цел оптимално искористување на расположливите ресурси и навремено се објавуваат за јавноста“, велат од ЈСП за Колегиум.мк
Сепак оттаму додаваат дека и покрај периодот на користење годишни одмори, континуирано се води сметка за обезбедување доволен број возачи преку соодветно планирање и организација на работниот процес.
Во автобусите како во сауна
И токму кога ќе помислите дека нервозите завршуваат кога ќе дојде вашиот автобус, нови стресови се кога ќе се качите во него, вели револтирано една скопјанка.
Автобусот во кој се качивме заедно со неа беше преполн. Слободно место за седење немаше, а и тие кои стоеја буквално беа стуткани еден до друг. Но она што не може да ве остави рамнодушен е високата температура внатре, бидејќи немаше вклучено ладење.
„Мајсторе, пушти клима, ќе се угушиме“, му викна една од патничките на возачот.
Немаше одговор. Не сфативме дали автобусот има или нема исправен клима уред, но од ЈСП уверуваат дека тие редовно се пуштаат или се поправаат при евентуални дефекти.
„Во автобусите кои располагаат со климатизација, клима-уредите редовно се пуштаат во функција во текот на летниот период. Истовремено, техничките служби континуирано ја следат нивната исправност и постапуваат по евентуални пријавени дефекти, со цел на патниците да им се обезбедат што е можно подобри услови за превоз“, велат од ЈСП.
Се чека новиот тендер за автобуси
Тендерот за набавка на нови електрични автобуси уште не е распишан, потврдуваат од Министерството за транспорт, иако се најавуваше нов тендер на почетокот на јуни. Претходниот, за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи, беше распишан во февруари годинава, но набрзо потоа поништен од Второстепената комисија по службена должност.
Од Град Скопје најавија нова постапка, а градоначалникот Орце Георгиевски побара трпение од граѓаните бидејќи како што рече, „нема магично стапче“ за веднаш да го реши проблемот со јавниот превоз. Неговите очекувања се дека скопјани би ги добиле првите автобуси за неколку месеци.

Решавањето на проблемот со градскиот превоз, кој покрај нередовните автобуси вклучува и стар возен парк, чести дефекти и недостиг на гориво, што предизвикува прекини во сообраќајот и незадоволство кај граѓаните, е едно од изборните ветувања на секој градоначалник на Скопје. Но ретко кој од граѓаните е оптимист дека овој проблем ќе замине во историјата.
„На никој не верувам, лажат сите. Ќе дојдат на функција и преку вечер забораваат што кажале. Тие не се возат со автобуси, не можат да разберат дека има стари луѓе кои немаат друг начин како да стигнат до матичниот лекар за рецепти, ако нема редовни автобуси“, вели пензионерот Трајко.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) од февруари 2026 покажа дека автобусите на ЈСП Скопје се постари од кога било – со просечна старост од 13,3 години, а дел од нив се стари и над 30 години. Само 10% од возниот парк ги исполнува највисоките еколошки стандарди (Еуро 6). Од 341 автобус со кој располага ова претпријатие, дневно се исправни само 185 или за 40 отсто помалку од бројот на исправни автобуси во 2015 година. Но и од исправните, сите не сообраќаат, односно во функција се пуштаат 157 автобуси на сите градски и приградски линии.
Покрај ова, значително се намалува и бројот на превезени патници. Ако во 2015-та се возеле по 52 милиони патници годишно, сега бројот на превезени патници е 22 милиони годишно.


