Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска патува за Осло на средба со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, во обид да ги подобри односите со Вашингтон, кои нагло се влошија во изминатите две недели, додека претседателот Доналд Трамп сè повеќе се приближува кон Москва.
Трамп ги укина санкциите против Русија, како што тврди, во обид да ги намали цените на горивата во САД, а во неколку наврати го критикуваше Зеленски.
Киев тврди дека Вашингтон во последно време не ја известувал навремено Украина за руските ракетни лансирања и дека ги ограничил сателитските комуникации на „Спејс Икс“, кои се користат за наведување на украинските дронови.
Трамп во понеделникот изјави дека Русија, искрено кажано, се однесувала коректно во врска со Украина, додека Зеленски не помагал особено во решавањето на ситуацијата. Тој го повика Киев да најде некој друг за преговорите.
Западноевропските земји сметаат дека одбраната на Украина од руската инвазија е прашање од егзистенцијално значење за безбедноста на европскиот континент. Тие силно го поддржуваат Зеленски и настојуваат да спречат натамошно продлабочување на раздорoт меѓу Вашингтон и Киев.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Стере изјави дека целта на организирањето на денешните средби е дипломатските напори да се насочат кон поконструктивен пат.
Финскиот претседател Александер Стуб изјави дека ќе учествува на средбите со Зеленски и Стере за да разговараат за незаконската руска агресивна војна против Украина и за целокупната безбедносна состојба во Европа.
Норвешка соопшти дека на средбите виртуелно ќе се приклучи и Џаред Кушнер, зетот на Трамп. Виткоф и Кушнер ги предводеа американските преговарачки напори.
Зеленски, Стуб и Стере подоцна ќе одржат прес-конференција, соопшти норвешката влада.


