Лидерите на Европската Унија денеска застанаа во поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот во Брисел, додека американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја критикуваше Украина, нарекувајќи ги нејзините напади врз руските рафинерии „срамота“.
Челниците на ЕУ го пречекаа Зеленски во Брисел во еден од најтешките моменти за Украина, додека руски ракети и дронови ги погодуваат украинските градови, а расте загриженоста дека САД би можеле да ја намалат размената на разузнавачки информации и воената помош за Киев.
Трамп го изненади Зеленски минатиот викенд, кога објави дека Украина и Русија се согласиле да не ги напаѓаат енергетските објекти на другата страна.
Со оглед на тоа што во ноември се одржуваат меѓуизборите во САД, Трамп ги обвини украинските напади врз руските рафинерии дека придонесуваат за растот на цените на енергенсите, што би можело да му наштети на изборите.
САД, исто така, постигнаа договор со Русија за дизел-гориво, што предизвика незадоволство кај Украина и европските сојузници.
„Сакаме оваа војна да заврши што е можно побрзо. Засега не гледаме сигнали од руската страна дека е подготвена да ја заврши војната. Затоа мораме да се подготвиме за зимата“, изјави Зеленски при пристигнувањето на самитот, прегрнувајќи се со повеќе лидери што ги сретна.
„Зимскиот пакет не се однесува само на енергетиката, туку и на противвоздушната одбрана и финансирањето“, рече Зеленски.
Во најновите напади, руските удари со дронови врз градот Харков усмртиле три лица, додека нападите на други места оставиле стотици илјади луѓе без електрична енергија.


