Стејт Департмент: Македонија се труди, но не ги исполнува стандардите против трговијата со луѓе

Објавено:

Земјите од Западен Балкан бележат одреден напредок во борбата против трговијата со луѓе, но сè уште немаат ефикасни механизми за справување со овој проблем и не ги исполнуваат меѓународните критериуми за искоренување на оваа криминална дејност, се наведува во Извештајот на Стејт департментот на САД за трговијата со луѓе за 2026 година.

Во извештајот се наведува дека Владата на Северна Македонија не ги исполнува целосно минималните стандарди за искоренување на трговијата со луѓе, но вложува значителни напори во таа насока.

Се посочува дека е осуден поголем број трговци со луѓе и дека е изменет Кривичниот законик, со што присилното питачење на деца е вклучено како облик на трговија со деца.

Сепак, се констатира дека надлежните органи истражувале помал број случаи во кои осомничените биле трговци со луѓе и покренале кривични постапки против помал број осомничени, а биле идентификувани и помалку жртви.

Според извештајот, судовите им изрекувале на трговците со луѓе затворски казни пониски од законски предвидениот минимум, додека Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција немало доволно ресурси за постапување по сите предмети од своја надлежност.

Во извештајот се наведува дека Владата не обезбедувала специјализирана помош за мажите кои се жртви на трговија со луѓе, а не постоеле ниту услуги за долгорочна поддршка на сите жртви.

Исто така, се посочува дека Владата во помала мера ги интензивирала напорите на органите за спроведување на законот во борбата против трговијата со луѓе, како и дека се криминализирани трговијата со луѓе заради сексуална експлоатација и трговијата со луѓе заради работна експлоатација.

Според извештајот, судовите осудиле шест сторители на кривичното дело трговија со луѓе заради сексуална експлоатација, во споредба со четворица осудени трговци со луѓе во текот на 2024 година.

Се констатира и дека изречените казни не биле во согласност со законски пропишаните минимални казни, ниту ја одразувале тежината на сторените кривични дела.

Според извештајот, во текот на 2025 година Владата идентификувала три жртви и ги упатила до соодветните служби за заштита и поддршка. За споредба, во текот на 2024 година биле идентификувани 39 жртви.

Како и во претходните години, во извештаите се укажувало дека локалната полиција приведувала и депортирала потенцијални жртви на трговија со луѓе, вклучително и лица кои давале комерцијални сексуални услуги, без претходно да провери дали постојат показатели за трговија со луѓе.

Во извештајот се констатира и дека Владата продолжила со спроведување активности за спречување на трговијата со луѓе.