Новата портпаролка на Белата куќа, Кејти Захарија, призна дека паднала на правосудниот испит, а прашањата за нејзините правни квалификации сè повеќе се зголемуваат.
Во невообичаено критичко интервју во четвртокот, водителот на „Фокс њуз“, Шон Ханити, ја праша Захарија дали го положила правосудниот испит.
Таа одговори дека не го положила, а по дополнителните прашања призна дека не се обидела повторно да полага.
Ханити се смета за еден од најблиските и највлијателните сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп. Во својата емисија на „Фокс њуз“ редовно ги претставува политиките и потезите на Трамп во позитивно светло.
Меѓутоа, неговото интервју со Захарија имаше сосема поинаков тон. Меѓу другото, тој ја соочи со медиумските сознанија дека во петнаесетина објави на социјалните мрежи користела професионална правна титула, иако нема докази дека поседува лиценца за вршење правна дејност. Ја праша и зошто едноставно веднаш не признала дека паднала на испитот.
Захарија се обиде да го минимизира значењето на целиот случај, одговарајќи дека уште тогаш знаела дека ќе живее во Кина, поради што резултатот од испитот веќе не ѝ бил важен.
Захарија дипломирала право на Универзитетот „Пепердајн“, а претходно работела во угледна адвокатска фирма во Кина. Во својата биографија ја навела и функцијата главна правна советничка во конзервативна организација во Калифорнија.
Критичарите и одредени правни експерти постојано го оспоруваат нејзиното користење на називот „правничка“, истакнувајќи дека нема докази оти добила лиценца за вршење правна дејност во Соединетите Американски Држави.
Самиот Трамп ја нарече Захарија адвокатка кога го објави нејзиното именување.
Инаку, за нејзината сегашна функција портпаролка на Белата куќа, правните квалификации или лиценцата не се законски услов.


