ДЗР: Долговите во Кичево неплатени, ама 6 милиони евра за осветлување ќе се платат

Објавено:

Кичево плаќа за неактивни телефони, а презема милионски обврски за осветлување

Телефонски броеви што никој не ги користи, парк без зеленило и договор за осветлување што ќе црпи пари од општинскиот буџет вкупно 15 години. Ова се дел од наодите на Државниот завод за ревизија за работењето на Општина Кичево во 2024 година, кога до октомври со градот раководи Фатмир Дехари, а по локалните избори со општината раководи Александар Јовановски.

Ревизорите откриле дека најдолгорочната и најскапа обврска на општината е јавно-приватното партнерство за модернизација и одржување на уличното осветлување, вредно 6,1 милион евра. За замена на 6.500 светилки со ЛЕД-осветлување, поставување уште 1.000 и одржување на системот, општината треба да плаќа околу 34.000 евра месечно, во текот на 15 години.

Енергетски поефикасното осветлување би требало да донесе подобра услуга и заштеди. Но, ревизорите утврдиле значајни отстапувања во сите фази на постапката, од подготвителната документација до спроведувањето на договорот. Затоа предупредуваат на финансиски и правни ризици што ќе го следат буџетот во текот на целото партнерство од 15 години. Овие договорени обврски ќе ги наследи и наредниот градоначалник.

Колку контролата врз трошењето е слаба во општината покажува и тоа што раководството редовно си плаќало по 850 евра месечно, односно 10 илјади евра за 37 целосно неактивни телефонски броеви. Притоа,ревизорите забележуваат дека немало документација што потврдува на кои вработени ( и дали на вработени воопшто ) им биле распределени броевите.

Кај рекреативниот парк во Зајас, договорен за речиси половина милион евра ревизорите затекнале оштетена и нефункционална опрема, простор без зеленило и несоодветно одржување. Поради разликите меѓу договореното и изведеното, не можеле да потврдат дека исплатените средства целосно одговараат на завршените работи. За жителите на Зајас во пракса тоа значи дека целта за потрошените општински пари не е исполнета.

Слични слабости се повторуваат и кај други капитални зафати во Кичево. Во 2024 година биле исплатени околу 926.000 евра за проекти што не биле предвидени во годишната програма. Кај улиците и патиштата се утврдени и фактурирани, а неизведени работи, надминувања на договорените вредности без анекси и несоодветен надзор.

Ревизијата утврди дека постои неусогласеност меѓу сметководствената и даночната евиденција во вкупен износ од околу 533.000 евра, како и дека се евидентирани долгови во износ од 236 илјади евра, од кои речиси половина се долгови стари над 10 години, а 57% од побарувањата се постари од 5 години.

„Имајќи предвид дека овие побарувања потекнуваат од минати години и поради непреземени мерки за нивна наплата, постои неизвесност за нивна наплата и не е извршено нивно вредносно усогласување“, се вели во извештајот.

Иако општината испраќа опомени кои се генерирани преку електронскиот систем за администрирање на даноци и такси, во 2025 година се донесени решенијата за присилна наплата само за 150 даночни обврзници.

При наплата на даноците на имот и комуналната такса за фирма, односно назив на деловна просторија, не се пресметува и наплатува камата за износот кој не е платен во пропишаниот рок, се наведува во текстот.

Во однос на бесправно изведените надградби на објекти кои не се во согласност со правосилно издадените одобренија, не се преземаат мерки по спроведениот инспекциски надзор.

Утврдена е неактивност во постапувањето по предлози за поништување на одобренија, недостига механизам за присилно отстранување на бесправни надградби и постои неажурност во постапувањето со надлежните институции.

Воедно, општината во последните четири години нема иницирано постапка за донесување урбанистички планови и нема подготвено и доставено годишен извештај до Министерството за транспорт за користењето на средствата по овој основ, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.