Адвокатите на британскиот медиум Би-би-си велат дека претседателот Доналд Трамп се обидува да го одложи давањето исказ (депозиција) во случајот за клевета што тој го покрена против британскиот јавен сервис, и тоа до јануари 2027 година. Тие побараа од судот во Флорида да го принуди претседателот да се појави во судскиот процес тежок 10 милијарди долари, откако тој го откажал претходно договорениот термин за оваа недела, наведувајќи „прашања од национално значење“.
„Со останати уште два месеци од истражниот процес, Би-би-си сè уште не успеа да го сослуша, ниту пак има закажан термин за сослушување на најцентралната фигура во овој случај: самиот тужител“, напиша адвокатот Чарлс Д. Тобин во поднесокот до судот.
„Овие одложувања го прекршија соработничкиот дух на истражниот процес и му оневозможија на Би-би-си да дојде до доказите неопходни за силно да ја брани својата позиција“, наведе во него.
Трамп, кој има историја на избегнување судски сослушувања, ја поднесе тужбата против Би-би-си минатиот декември, барајќи отштета од 10 милијарди долари. Тој го обвини британскиот медиум за клевета, како и за измамнички и нефер деловни практики поврзани со документарниот филм „Трамп: Втора шанса“ (Trump: A Second Chance).
Британскиот национален сервис финансиран од јавни средства призна дека продуцентите споиле цитати од различни делови на говорот што Трамп им го одржа на своите поддржувачи на 6 јануари 2021 година, пред упадот во Капитолот на САД, за да изгледа како директно да повикува на насилство.
Во тужбата на 33 страници Би-би-си беше обвинет за емитување „лажен, клеветнички, измамнички, оцрнувачки, запалив и злонамерен приказ на претседателот Трамп“, наредувајќи го тоа како „безобразен обид за мешање и влијание“ врз американските претседателски избори во 2024 година.
Медиумот му се извини на Трамп поради монтажата, а шефот на Би-би-си и главниот уредник за вести на британската телевизија поднесоа оставки. Сепак, медиумот ги негираше тврдењата на Трамп дека го клеветеле.
Во поднесокот оваа недела, адвокатите на Би-би-си изјавија дека првпат побарале термини за сослушување во јули и повторно се надоврзале со барања. Двете страни, според нив, на крајот се согласиле за 16 октомври.
Но, минатата недела им било соопштено дека Трамп „нема апсолутно никаква достапност за сослушување“ пред завршувањето на рокот за докази закажан за 18 декември, и им било кажано дека Трамп ќе биде достапен дури во втората или третата недела од јануари.
Во изјава како одговор на поднесокот, портпаролот на правниот тим на Трамп не ги коментираше причините за одложувањето од страна на Трамп, но ги повтори обвинувањата против Би-би-си и изјави дека претседателот го држи медиумот „одговорен за неговата клевета и безобѕивно мешање во изборите, исто како што ги повика на одговорност и другите лажни вести од главните медиуми за нивните недела дела“.
Трамп доброволно ја повлече тужбата од 500 милиони долари што ја поднесе против неговиот поранешен адвокат и соработник Мајкл Коен во 2023 година, само неколку дена пред да треба да даде исказ во тој случај.


