Јас имам пасош и можам да го напуштам градот и државата, за разлика од поранешниот вицепремиер Артан Груби, коментираше накусо премиерот Христијан Мицкоски на новинарското прашање поврзано со славењето во скопската општина Чаир што се одржа по укинувањето куќниот притвор на Груби. Коментарот на Мицкоски беше кажан во контекст на изјавата на адвокатите на Груби дека тој сега е слободен граѓанин како и премиерот. На ова Мицкоски констатираше дека поранешниот вицепремиер сè уште има ограничувања.
Поранешниот прв вицепремиер Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, на 13 октомври излезе излезе од куќен притвор откако мерката му беше укината по сила на законот. Вечерта во скопски Чаир беше пречекан од десетици граѓани со факели и чадни бомби. Од видеата објавени на социјалните мрежи може да се види дека Груби се движеше по улицата во придружба на пријателите и симпатизери, можеше да се слуше пукање огномет.
Во текот на вчерашниот ден, по реакцијата во јавноста, преку соопштение до медиумите, адвокатскиот тим на Груби упати извинување до граѓаните, за кои велат дека можеби биле вознемирени од пречекот во скопски Чаир проследен со факели и огномет. Собирот велат дека бил спонтан, организиран од граѓани, соседи и пријатели на Груби и одбележан без политички пораки и обележја.
Премиерот Мицкоски, пак, смета дека таквиот пречек во скопски Чаир на поранешниот прв вицепремиер Груби не му оди во прилог, туку дополнително му ја отежнува положбата.
„Претпоставувам дека тоа е дел од карактерот на поединци кои мислат дека со вакот тип на естрада им помагаат на своите сопартијци, но мислам дека грешат, напротив им отежнуваат“, вели Мицкоски.
Опозициската СДСМ ја обвини власта за политичко влијание врз правосудството и двојни аршини во спроведувањето на законите, посочувајќи неколку случаи за кои бара одговори и одговорност.
Груби како еден од обвинетите за злоупотреби во Државна лотарија се гони за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“. По повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, тој во февруари годинава се врати во земјава и беше приведен на граничниот премин Блаце.


