Полицаец вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи (МВР) со лажни потврди за дарување крв земал шест слободни денови, соопшти МВР.
Поради тоа, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до ОЈО ГОКК – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднел кривична пријава против А.А. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик“.
„Пријавениот, и покрај тоа што на 03.03.2026 и 09.07.2026 не дарувал крв во ЈЗУ Институтот за трансфузиона медицина при комплекс клиники „Мајка Тереза“, изготвил и употребил две лажни потврди за дарување на крв за што изготвил две барања за користење платено отсуство од три работни денови за деновите 03.03.2026, 04.03.2026 и 05.03.2026, како и за 09.07.2026, 10.07.2026 и 13.07.2026, по што ги искористил“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола против А.А. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина.


