На денешната собраниска седница за пратенички прашања од опозицијата, пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев го отвори прашањето за бизнисите со Бугарија на баџанакот на премиерот Христијан Мицкоски, Јорданчо Јанев, засенувајќи ја дебатата по останатите прашања.
„Денеска ќе ве прашам за тема во која вие сте најјак, а јас најслаб, а тоа е бизнис. Станува збор за лицето Јорданчо Јанев, познат по називот ‘Дано’, баџанакот кој е турски збор и за него има песна: ‘Аџанак-баџанак, на кој му стиска нека дојде’, па еве мене ми ‘стиска’ и дојдов. Овој баџанак на премиерот Мицкоски е многу плоден бизнисмен. И веќе се познати шемите од аферата ‘Плацевите на Водно’ за кои Груевски доби пресуда 9 години затвор, а вие иако сте биле тогаш трет ешалон, сте учеле добро. Исти се контурите и еве некои: перење пари, офшор фирми (тука не најдов офшор ама најдов бугарски фирми), натаму роднини на премиерот – тогаш бил кум сега е баџанак, парцели недвижнини–профити, братучеди мора да има обавезно да се ортаци. Овој ваш баџанак има и бугарско ‘гражданство’, он така се осеќа, и му е од 2017 ако не се лажам. Има 6 фирми, може има и повеќе, јас 6 му најдов: 4 во Македонија, 2 во Бугарија… Откако доаѓате на власт, ја основаат фирмата ‘Шалом Деливери 2024’ и првиот тендер на општина Струмица на овој новиов градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Петар Јанков, е токму свечен ручек за 250 гости на слава ли, што ли е тоа таму, ‘Свети Тивериополски маченици’, сите седите таму на слика ве има. И видете сега, општина која има долг од 16 милиони евра, првиот тендер го дава на фирмата на вашиот баџанаккој во истовреме за да биде апсурдот поголем, бил кум и покровител на славата за која после си прави бизнис. Како не ви залетна со дедо Стефан кога јадевте знаејќи дека за истава слава овој си прави пари во меѓувреме? Сакам конечно да расчистиме – Колку вашата политика е народна, а колку е фамилијарен бизнис план?“, праша, меѓу другото, лидерот на Левица, Апасиев.
Премиерот одговори со констатација дека „Апасиев навистина не го бивало за бизнис“.
„Сега сфатив зошто имате толку голема фрустрација за овој трет ешалон, зашто вие не можевте ни до десетиот да дојдете во таа политичка партија, моравте да смените неколку во меѓувреме. Прашање е кога и одоваму ќе ве исклоцаат. Јас ве поканувам како голем и храбар маж што не сте, да излезете ова што денеска го кажавте и надвор пред медиуми на прес-конференција да го кажете, и тогаш ќе се најдеме во арената каде што вие сте најјак, а тоа е судот. Па ќе мора ова што денеска го кажавте, да го докажете“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека „не е грев да се има фирми надвор и парите од тој профит да се трошат во Македонија“.
„Инаку, да мене Јорданчо Јанев ми е баџанак, односно неговата сопруга е сестра на мојата сопруга. Не ви е точен податокот дека од 2017-та има бугарски пасош туку од 2003 година. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, па дури и да е бугарски граѓанин, па дури и да еве во Бугарија да прави бизнис во левови, милиони како што кажувате, и тие пари да ги донесе во Македонија и тука да ги троши. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, парите кои што ги заработуваат луѓето надвор да ги донесат тука, место да ги изнесуваат или да речеме да летуваат во скапи хотели на Егејското крајбрежје или да шопингуваат во Тесалоники, како што вие милувате да кажете, скапа гардероба која што ја носите вие и вашето семејство, и на тој начин да ги манипулирате овие околу вас кои што ви даваат каква таква поддршка. Јас навистина не разбирам, вие навистина не се разбирате од бизнис“, одговори Мицкоски.
Апасиев му се заблагодари на Мицкоски за, како што рече смирениот одговор.
„Се чувствувам како комарец на нудистичка плажа. Не знам откај да почнам со апење. Значи толку афери имате, а се претставувате како светец, ете ме нарековте и еретик, и кукавица, што убави епитети. Се што кажавте е точно само дека сте инфериорен. Но, треба да дополните и дека сте инфериорен сноб. Носи саати од 60.000 евра и мисли дека со тоа ќе направи некоја поголема вредност меѓу Мирјаниве овде, да се изразиме вака деморисјански. Еве го вашиов стечаец со Заев на сликава. Тој ли ви е договорот за да ја предаде СДСМ? Не е тука Венко да му го поставам истово прашање“, рече Апасиев.
Меѓу другите пратенички прашања на денешната собраниска седница беа и оние за задолжената на државата и актуелната тема за бегството на Ива Михаилова во Бугарија.
„Владата доцни со сервисирање на долговите кон стопанството, а дополнително со ребалансот на буџетот ја намалува поддршката за малите и средните претпријатија“, рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, и упати прашање до заменик-министерот Николче Јанкуловски, од кој побара да одговори „Колку изнесува тековниот долг на јавните субјекти, односно на државата, кон приватните компании и одделно колкав е износот што државата им го должи на компаниите по основ на поврат на ДДВ?“
Пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, отвори неколку прашања за, како што рече, „пропустите на Министерството за внатрешни работи во случајот со Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, а која замина во Бугарија и покрај одземените пасоши, забраната за напуштање на државата и изречените судски мерки за претпазливост.
Исмаил рече немал можност да му постави прашање на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, бидејќи, како што кажа, „премиерот Мицкоски, наместо да одговара на прашањата од пратениците, времето го искористил за држење лекции за тоналитет, храброст и моралност, проследени со лични квалификации“.


