Три лица загинаа во руски ракетни напади врз Киев

Објавено:

Русија изврши бран напади со балистички ракети врз Киев во ноќта меѓу вторникот и средата, при што загинаа најмалку три лица, а повеќе од 20 беа повредени.

По нападите, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина повторно не добила предупредување од своите западни партнери за лансирањето на ракетите.

Руските сили погодија неколку енергетски објекти во Киев, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко, откако Украина ја обвини Русија дека го прекршила примирјето за напади врз енергетската инфраструктура што го најави американскиот претседател Доналд Трамп.

Во најмалку пет киевски окрузи снемало електрична енергија, откако во рускиот напад во текот на ноќта била погодена една од главните електрани во престолнината, соопшти енергетската компанија ДТЕК.

Зеленски во средата на социјалните мрежи наведе дека Русија во ноќните напади употребила 39 балистички ракети и повеќе од 120 беспилотни летала.

Тој додаде дека најмалку 600.000 луѓе во моментов се без електрична енергија. Зеленски предупреди дека прекините во снабдувањето со струја би можеле да погодат уште поголем број луѓе.

„Важно е светот да не молчи за ова, важно е САД навистина да видат што се случува и кој е одговорен за продолжувањето на оваа војна“нагласи Зеленски.