„Гол Трамп“ во Европскиот Парламент
Во зградата на Европскиот парламент во Стразбур, Франција, од завчера е изложена златна статуа на која е прикажан Доналд Трамп целосно гол, качен врз рамениците на помал човек, објави „Еуроњуз“.
Уметничкото дело, насловено „Портокалова чума“, е високо 2,6 метри и е изработено од данскиот уметник Јенс Галшиот. На статуата е прикажан гол Трамп, кој во едната рака држи голема палка за голф, а во другата вага, додека седи врз грбот на помал и послаб маж.
Уметникот вели дека статуата е обложена со 23-каратно злато, а неговото дело е познато и под името „Кралот на неправдата“.
Под статуата има плоча на која пишува: „Седам на грбот на еден човек. Тој тоне под мојот товар. Ќе направам сè за да му помогнам. Освен да станам од неговиот грб.“
Според Галшиот, делото е инспирирано од „Царевото ново руво“ на Ханс Кристијан Андерсен и претставува „сатиричен крик“ против „непредвидливата климатска и надворешна политика на Трамп“.


