Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, тврди дека не се укинуваат придонесите за вториот пензиски столб со објавените нацрт-измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Тој вели дека одредбата која ја регулира уплатата за вториот столб ќе се префрли во друг закон.
„Станува збор за пренесување на законската одредба во друг закон, а не за укинување на пензискиот столб“, посочува Велковски.
Според неговата најава, одредбата за уплата на придонеси во вториот столб ќе биде регулирана во измени на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Овие измени дополнително треба да се објават.
Придонесите за пензиско и инвалидско осигурување на граѓаните по закон се распоредуваат во првите два столба. Тие се во висина од 19,9% од бруто платата на работниците – 13,9% одат во државниот фонд, а останатите 6% државниот фонд ги префрла во вториот приватен столб на лична сметка на осигуреникот – работникот.
Стапката од 6% е предвидена во членот 120 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Прашањето дека се укинуваат придонесите за вториот столб го покрена опозицискиот СДСМ откако на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР) беа објавени нацрт измени со кои се предвидува бришење на членот 120.
Во образложението на законските измени е наведено дека целта е усогласување со Законот за системот за проценка на лица со попреченост и со Законот за регистар на задолжително социјално осигурување, во кој, сега Велковски вели дека ќе се регулира стапката од 6%.


