Се разгледува опција граѓаните сами да одлучуваат дали ќе плаќаат во вториот пензиски столб

Објавено:

Поради притисокот врз пензискиот фонд во државата, Владата разгледува реформа – вториот столб што е приватен и задолжителен изминативе 20 години, повеќе да не биде задолжителен туку граѓаните сами да одлучуваат дали дел од придонесите ќе го доверат на вториот столб или не.

„Ние разгледуваме некое меѓу, хибридно решение со кое на граѓаните ќе им се даде слобода дали ќе сакаат да го користат само државниот или ќе сакаат и во државниот и во приватните пензиски столбови“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во Македонија постојат три столба, од кои третиот е незадолжителен. Првиот е државниот Фонд за пензиско и здравствено осигурување. Вториот е приватен и тој е задолжителен.

Придонесите за пензиско и инвалидско осигурување по закон се распоредуваат во првите два столба. Тие се во висина од 19,9% од бруто платата – 13,9% одат во државниот фонд, а 6% во вториот приватен столб на лична сметка на осигуреникот – работникот.

Со парите од вториот столб располагаат приватни пензиски друштва кои треба да работат со нив на пазарот на капитал за да остварат принос односно да ги зголемат парите, а на крај кога еден вработен ќе се пензионира да има повеќе пари на сметка односно поголема пензија.

Меѓутоа, тоа не е според очекувањата. Мицкоски вели оти овие друштва не работеле доволно добро и не ги „оплодувале“ парите на граѓаните. Напротив, според него, резултатот е три пати помал од очекуваното.

„Тоа значи дека тие (приватните пензиски друштва) се слаби претприемачи. Не можете да ги користите средствата од граѓаните и да не ги оплодувате и да не носите приноси онакви какви што треба, какви што сте се договориле пред 20 години кога е почната таа реформа. И сега некој друг да ви е виновен. Тоа така не оди. Ако сте неуспешен во бизнисот доаѓа некој кој е успешен“, обвини премиерот.

Тој ги прозва дека со „легачење“ не може да се продолжи бидејќи на крај, државата дава дополнителни пари за пензии зашто тие не ги „оплодиле“ оние пари што им биле доверени.

„Не може тие компании кои ја добиле честа да управуваат со средствата на граѓаните пред 20 години, да не ги оплодуваат онака како што очекуваат. Еве првите корисници ги добиваат средствата, тие се мали и нормално бидејќи се многу мали државата мора да дава дополнителни средства до минималната пензија. Тоа нема логика“, вели премиерот.

Доколку опцијата што се разгледува биде усвоена, таа би значела дека граѓаните ќе може да одлучат сите пари од придонеси да одат во првиот столб односно во државниот Фонд за пензиско и здравствено осигурување.

Во последниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2024 година, објавен во јули, беше констатирано дека приходите што ги добива овој фонд не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на пензиите во 2024 година, поради што се вршат трансфери од Буџетот на државата кои учествуваат со 36,71% во вкупните приходи на Фондот.