Откако изминатите две години, четири пати имаше линеарно зголемување на сите пензии за вкупно седум илјади денари, од септември покачувањето се враќа по формулата како што предвидува законското решение.
Како што потврдиле од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за Телма, со септемвриските пензии ќе има 3% зголемување.
Тоа значи дека пензија од 20.000 денари ќе се зголеми за 600 денари, од 30.000 за 900, од 40.000 за 1.200 или од 50.000 денари за 1.500.
Усогласувањето на пензиите два пати годишно – во март и во септември како законска формула беше воведена од претходната влада на СДСМ и ДУИ.
По промената на власта летото 2024, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, го заобиколи усогласувањето и наместо тоа во четири наврати даваше линеарно зголемување. Два пати по илјада денари и два пати по 2.500 денари – или вкупно 7.000.
Тогаш власта тврдеше дека тоа е добро за 90% од пензионерите и оти ваквите чекори значат „политика на солидарност, а не политика на статистика“.
Сепак, опозицијата, дел од пензионерите и експертската јавност сметаа дека линеарното покачување не треба да се применува, а власта ако сака може да води политика на солидарност на друг начин, како на пример, воведување минимален износ на пензија.


