Во септември ќе има редовно усогласување на пензиите, за колку – уште се пресметува

Објавено:

Од следниот месец ќе има редовно зголемување на пензиите според процентуалното усогласувања предвидено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, потврди премиерот Христијан Мицкоски.

  • „Да, тоа ќе биде редовно усогласување, нивелирање во согласност со законот. Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци, во заднина охрабрени од политички партии, пред Уставниот суд да поведат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде во соодветство со усогласувањата предвидени со законот“, кажа Мицкоски во одговор на новинарско прашање по посетата на Управата за хидрометеоролошки работи денеска, 25 август.

Според Мицкоски, износот на зголемувањето на пензиите сè уште се пресметува.

  • Пензиите се усогласуваат двапати годишно, на 1 март и на 1 септември. Во пресметката во согласност со законот еднакво учествуваат порастот на просечно исплатената плата и порастот на трошоците на живот.

Во изминатите две години пензионерите добија линеарно зголемување на пензиите од вкупно 7.000 денари.