Од 1 мај 2027 година ќе биде воведена нова директна авиолинија, која ќе ги поврзува Скопје и Тиват, со два лета неделно.
Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски по средбата со потпретседателот на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
Новото авиоповрзување треба да го олесни патувањето до црногорското приморје и да придонесе за развој на туризмот и економската соработка меѓу двете земји.
Македонските граѓани од следната туристичка сезона ќе имаат можност директно да летаат од Скопје до Тиват, една од најпознатите туристички дестинации на црногорското крајбрежје.
Како што соопшти Николоски, новата авиолинија е резултат на разговорите и договорите постигнати при неговата претходна посета на Подгорица.
„Авионската линија од Тиват до Скопје сериозно ќе придонесе не само за зголемување на бројот на патници и размената меѓу двете држави, туку и за развојот на туризмот и бизнисот“, изјави Николоски.
Покрај новата линија Скопје – Тиват, македонските и црногорските власти разговараат и за воспоставување дополнителни авиоврски.
Според Николоски, во тек се разговори за директни летови на релациите Скопје – Подгорица и Охрид – Тиват, со што би се прошириле можностите за патување меѓу двете држави.


