Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека билатералните прашања меѓу Црна Гора и Хрватска мора да бидат решени, иако тие не се дел од преговорите со Европската Унија. За натамошниот напредок на Подгорица потребна е согласност од сите 27 земји-членки, нагласи таа во интервју за Радио Црна Гора.
„Хрватска има свои интереси и отворено зборува за нив. Ме радува што Црна Гора презеде чекори во последните денови и што постои дијалог меѓу Хрватска и Црна Гора. Мислам дека сте на добар пат да се решат и овие билатерални прашања“, изјави Кос.
Таа смета дека потпишувањето на пристапниот договор до летото 2027 година е реално и порача дека Брисел ја поддржува визијата Црна Гора да стане членка на ЕУ во 2028 година. Таа ги поздрави и уставните измени поврзани со проверката на интегритетот на кандидатите за членови на владата, оценувајќи ги како важен чекор кон членството.
Инаку, Црна Гора презеде неколку чекори кон исполнување на условите што ги поставува Хрватска. Еден од нив беше преименувањето на базенот во Котор.
Запрашана за претседателот на црногорскиот парламент, Андрија Мандиќ, и критиките поради неговото изразување сочувство до семејството на Ратко Младиќ, Кос нагласи дека за раководството на парламентот одлучува исклучиво Собранието.
„Во Европската Унија навистина нема место за величење воени злосторници. Помирувањето и почитта кон жртвите се нешто што за нас во Европа има големо значење“, порача таа, предупредувајќи на одговорноста на политичките лидери за промовирање на европските вредности.
Говорејќи за Берлинскиот процес, Кос истакна дека европските лидери го препознаваат напредокот на Црна Гора и дека ќе разговараат за помош за завршување на преговорите.
„Ќе разговараме и за тоа како членството на Црна Гора во ЕУ би можело да ги мотивира сите други земји во регионот да тргнат по истиот пат. Тоа би била добра порака и за сите оние што разбираат дека проширувањето денес е од исклучително геополитичко значење“, изјави Кос.


