Предвремените избори за градоначалник во Брвеница, Општина во Полошкиот регион, ги засили препукувањата во СДСМ помеѓу раководството на партијата и платформата „Разговори за иднината во 12:05“ која промени и оставка од лидерот Венко Филипче.
Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Јовица Радески, обраќајќи се на прес-конференција од Бихаќка рече дека однесувањето на платформата не помогнало, туку му наштетило на СДСМ, а обвини и дека поединци од оваа група повикувале луѓе да не излезат на гласање.
„ЗНАМ и Левица гласаа за ВМРО, а луѓето од Платформата ЗНАМ 2.0 работеа против мене и против СДСМ. Не помогнаа, туку одмогнаа. Дури одредени луѓе токму од оваа Платформа повикуваа и да не се излезе на гласање и да не се гласа. Другари, требаше да дојдете и да помогнете. А не сега да кажувате за Брвеница. Размислете каква штета правите. Или молчете или помогнете, доста одмагате“, рече Радески кој меѓудрогото се заблагодари на оние што излегле и гласале за него.
И тој, исто како и раководството на партијата, потенцираа дека СДСМ во споредба со изборите од пред една година, успеале да ги зголемат гласовите за 46%. На изборите Радески заврши четвртопласиран со 706 гласа.
Пласманот беше причина од „Разговори за иднината во 12:05“ да обвинат дека Филипче и раководството одработиле за ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму, со реакција се јавија и по пресот на Радески оценувајќи дека тоа била „принудна прес-конференција“.
„Раководството на СДСМ се повеќе наликува на секта во која клучниот предуслов за припадност е геслото – сите други се виновни за поразите, само Венко Филипче не носи одговорност за ништо. Денеска, го принудиле другарот Јовица Радески да излезе на прес-конференција само затоа што му честитавме за неговиот достоинствен настап на изборите. Барале од него да им ја докажува лојалноста. Му се извинуваме за тоа што денес мораше јавно да се срами, а приватно да се извинува“, велат од „Разговори за иднината во 12:05“.
Од платформата го повикаа раководството јавно да каже барем едно име и презиме кое вршело агитација против кандидатот на СДСМ и велат дека ако од нив зависи дали победува партијата или не, „тогаш ова дезориентирано партиско раководство самото признава дека мора да си замине“.
Изборите во Брвеница се одржаа на 18 октомври. Тие беа предвремени и се распишаа откако почина поранешниот градоначалник на оваа општина, Јовица Илиевски.
На претходните редовни избори што се одржаа на 19 октомври, СДСМ со нивната кандидатка освои 481 глас. И покрај тоа што сега со Радески освоија 706, крајниот пласман беше ист – четврто место.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски заврши на прво место со 2.953 гласа. Лани, кандидатот на владејачката партија освои 3.388, што за социјалдемократите е сигнал дека ВМРО-ДПМНЕ ја губи поддршката.
Второпласиран на изборите во неделата беше Аркин Јахи од ДУИ со 2.152 гласа и тој ќе се соочи со Радичевски во вториот круг на 1 ноември.
На трето место со 1.528 гласа заврши Јакуп Хусеини од ВЛЕН, додека двајцата независни кандидати – Душан Богдановски и Арифе Идризи, беа на петто и шесто место со по 55 односно 21 глас.


