Мицкоски вели или ќе има многудетни семејства или ќе доаѓаат повеќе странски работници

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски зборувајќи за македонската економија и увозот на мигранти за работа во Македонија испрати порака до јавноста дека или во земјава ќе има многудетни семејства за да има кој да работи или во спротивно ќе бидат потребни повеќе работници од странство.

Ваквиот одговор на Мицкоски следува како коментар на претходна изјава од вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој кажа оти до 2030 година на годишно ниво ќе бидат потребни по 50.000 странски работници за да може да се одржи Бруто-домашниот производ на ниво како сега.

„Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, за жал македонската економија ќе биде прва што ќе биде на удар. И тоа што го кажуваше потпретседателот на Влада и министер за транспорт, можеби е потценета вредност, можеби ќе ни требаат многу повеќе за да ја задржиме економската активност. Погледнете што се случува во западна Европа, каде за да се одржи нивото на економија тоа што е и да имаме благ пораст на БДП потребно е секоја година да се даваат стотици работни дозволи, па би рекол и милиони за мигранти“, изјави премиерот Мицкоски.

Тој потсети и оти пред година и пол зборувал дека семејствата треба да имаат повеќе деца, наишол на исмејување и на коментари дека бил „заостанат“, но според него, во пракса се покажува дека ваквиот предизвик останува да важи.