Управата за финансиска полиција до Јавното обвинителство поднела кривична пријава против Јани Макрадули за неговата работа како поранешен директор на Акционерското друштво во државна сопственост „Пошта на Северна Македонија“.
Управата го сомничи за злоупотреба на службената положба и овластувања тврдејќи дека во периодот од 2021 до 2022 година, не постапил според одлуките и заклучоците на Управниот одбор за исплата на парични обврски кон две фирми во износ од 19,3 милиони денари.
Бидејќи не бил вратен долгот, фирмите покренале судска постапка против „Пошта“ и судот пресудил во нивна корист и наложил државното акционерско друштво да плати и казнена камата.
Јани Макрадули беше директор на „Пошта“ во време на владеењето на СДСМ и ДУИ. Тој е истакнат член на Социјалдемократскиот сојуз, а во минатото извршуваше и други функции, беше пратеник, како и заменик-министер за животна средина и просторно планирање.
Оттука, СДСМ се јави со реакција дека Финансиската полиција „штанца кривични пријави по нарачка“ против неистомисленици и сите што ја критикуваат власта.
Од опозициската партија обвинуваат дека кога тие ќе достават документи и пријави за функционери на власта – настанува тишина.
„Нема одговор за кривичната пријава за труењето со вода во Гостивар. Нема за предметите за криминалните тендерите од 200 милиони евра. Никој не одговара за Кочани, за 5 тони дрога преку граница, за пуштањето на Ива Михаилова, за нападот врз младите во Ново Село, за 5.5 милиони евра за еден диџеј. Никој не одговара за тендерот во Пошта за знам од 1.2 милиони евра. Кривичната пријава против Христијан Мицкоски експресно беше отфрлена. Ама кога Мицкоски ќе најави кој ќе биде обвинет, институциите веднаш се активираат. Законите треба да важат за сите подеднакво. Но тоа не е така со арамијата Мицкоски и ВМРО и институциите под нивна контрола“, велат од СДСМ.
Затоа, според партијата, „јасно е дека кривичната против Јани Макрадули е по нарачка и класичен политички прогон“.
Од СДСМ се осврнуваат и на наводите од кривичната пријава за Макрадули, прашувајќи како е можно некој да добие кривична пријава затоа што не исплатил јавни средства за договори кои веќе биле истечени. Според нив, отсуството на ваков правен основ во случајот е клучен.


