Политичките лидери на палестинското малцинство во Израел ги повикаа гласачите масовно да излезат на изборите следната недела, за да помогнат во смената на премиерот Бенјамин Нетанјаху и соборувањето на најдесничарската влада во историјата на Израел, пренесува Ројтерс.
Високата излезност кај припадниците на арапското малцинство, кое сочинува околу 21 отсто од населението на Израел, би можела да влијае врз сложените коалициски преговори во корист на блокот против Бенјамин Нетанјаху, предводен од поранешниот воен командант Гади Ајзенкот.
„Ние можеме да обезбедиме формирање нова влада која ќе донесе промени“, изјави Мансур Абас, лидер на партијата Обединета арапска листа.
Абас и другите арапски лидери се соочуваат со голема пречка во настојувањата нивната заедница да учествува во идната влада без Нетанјаху.
Ајзенкот досега ја исклучуваше можноста за формирање влада со арапските партии, за кои гласа мнозинството Палестинци со израелско државјанство, наведувајќи дека не постојат заеднички вредности.
Сепак, Абас смета дека има простор за пресврт, особено поради политичките пресметки.
Според анкетите, разновидниот блок на Ајзенкот, составен од центристички, левичарски и десничарски партии, би освоил најмногу гласови, но не и доволно пратенички места за мнозинство. Затоа, за да обезбеди функционирање на малцинска влада, би му била потребна поддршка од арапските партии, било преку нивно учество во коалицијата или преку поддршка однадвор.
„Сакаме да ја смениме десничарската влада, да ги прекинеме војните и таквата политика, да го запреме ширењето на населбите и да се справиме со неуспехот во спречувањето на нападите од доселениците. Исто така, сакаме влада што ќе обезбеди сигурност и мир за палестинскиот и израелскиот народ“, изјави Абас.


