Група малолетници претепале момче во Влае – мајката тврди дека има скршени заби и повреди на глава

Објавено:

Група малолетници нападнале момче во Влае и го удирале со тврд предмет, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Мајката тврди дека 13-годишното дете било удирано со метален боксирач, дека има скршени заби, повреди на главата и отоци.

Настанот се случил вчера, 18 октомври, околу 00:30 часот, на плоштадот „Делфина“. Според изјавата на мајката за Скопје1, напаѓачи биле 15-20 деца, на возраст од околу 16 години, а детето познавало некои од нив.

„Првично ме молеше да не пријавам, за да не настане поголем проблем. Ми рече: „Ако пријавиш, мамо, повторно ќе се случи истото’. Но не можам да дозволам детето да ми живее во страв. Апсолутно не можам“, вели мајката во изјава за Скопје1.

Од МВР соопштија дека настанот се истражува.

Според податоците што УНИЦЕФ ги објави во мај годинава, 23 отсто млади на возраст од 13 до 15 години во Македонија пријавиле дека биле малтретирани најмалку еднаш во последните неколку месеци.

„За жал, дигиталниот свет додава уште еден слој на ризик. Насилството може да се случува и офлајн и онлајн, при што различните форми на насилство и злоупотреба се преплетуваат и се надополнуваат, следејќи ги децата насекаде – дома, на училиште, на игралиште и на нивните телефони. Стигмата и обвинувањето на жртвите дополнително ја влошуваат ситуацијата, обесхрабрувајќи ги децата да пријават и да побараат поддршка“, соопштија од УНИЦЕФ.

Според УНИЦЕФ, спречувањето на насилството врз децата е возможно, но бара ангажман од целото општество – институциите, училиштата, здравствените и социјалните служби, правосудството, граѓанските организации, приватниот сектор, заедниците, родителите и самите млади.