Тие што ја доведоа партијата до историски пораз во 2024 година. Тие што ја предадоа партијата на ВМРО. Тие што заедно со Максим Димитриевски и руската Левица бараат реформи во СДСМ. Истите денес ја обвинуваат партијата за резултатот во Брвеница, реагираат од СДСМ откако платформата „Разговори за иднината во 12:05“ побара одговорност од раководството за изборниот резултат во Брвеница.
„Тие што дозволија Артан Груби да игра фудбал по канцеларии. Тие што ја пишуваа програмата, што беа шефови на штабови по изборни единици, носители на листи на најголемиот пораз на СДСМ. Тие што потпишуваа петиција за ослободување на Орце Камчев. Тие што молчеа кога се носеше Кривичниот закон за да се ослободат некои. Истите тие денес ја обвинуваат СДСМ за резултатот во Брвеница – резултат што е поголем од нивниот и подобар од лани за 46 проценти“, велат од Бихаќка во контра-обвинувањата до претставниците на платформата што бара промени во партијата.
Од партијата порачуваат „прочитани сте одамна“ и велат оти „СДСМ не е на продажба“.
Од „Разговори за иднината во 12:05“ претходно го обвинија Филипче дека одработил за ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница каде вчера (18 октомври) се гласаше во прв круг од предвремените избори за градоначалник.
„Се потврди уште еднаш дека ова раководство на СДСМ е соизвршител на највалканиот политички дил во историјата. Венко Филипче е полномошникот кој единствено има овластување да го држи СДСМ во заложништво и така да му испорача на ВМРО-ДПМНЕ уште една победа на парламентарни избори во замена на слобода“, рекоа во писменото соопштение од „Разговори за иднината во 12:05“.
СДСМ во Брвеница заврши на четврто место, исто како и во првиот круг од редовните избори одржани на 19 октомври лани. Разликата е во тоа што нивниот сегашен кандидат освои 706 гласа или 225 повеќе од тоа што го освои нивната кандидатка на ланските избори. ВМРО-ДПМНЕ, пак, со својот кандидат имаше најмногу гласови, 2.943, но за 445 гласа помалку од лани.
Од Бихаќка ваквиот резултат во протолкуваа во своја полза дека паѓа поддршката за владејачката партија, а се враќа довербата на СДСМ.
Предвремените избори во Брвеница следуваат откако почина претходниот градоначалник Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатот на владејачката партија, Стојанчо Радичевски имаше убедливо водство во првиот круг, но не успеа да освои 50% плус 1 глас од граѓаните што излегоа на гласање. Затоа, на 1 ноември ќе се одржи втор круг во кој тој ќе се соочи со кандидатот на ДУИ, Аркин Јахи, кој освои 2.152 гласа.
Третопласиран беше кандидатот на ВЛЕН, Јакуп Хусеини, со освоени 1.528.
Јовица Радески од СДСМ со 706 беше четврти, а зад него на петто и шесто место завршија независните кандидати Душан Богдановски со 55 гласа и Арифе Идризи со 21 глас.


