СДСМ со Филипче се бетонира во петта партија во Скопје, четврта во Куманово и Брвеница, реагираат од платформата „Разговори за иднината во 12:05“ која бара оставки од раководството и промени во опозициската партијата.
Реакцијата доаѓа по вчерашните предвремени избори во Брвеница, каде кандидатот на СДСМ освои 706 гласа наспроти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ кој освои 2.943.
Во реакцијата од платформата го обвинуваат актуелниот лидер Венко Филипче и раководството дека одработиле во корист на владејачката партија.
„Се потврди уште еднаш дека ова раководство на СДСМ е соизвршител на највалканиот политички дил во историјата. Венко Филипче е полномошникот кој единствено има овластување да го држи СДСМ во заложништво и така да му испорача на ВМРО-ДПМНЕ уште една победа на парламентарни избори во замена на слобода“, велат во писмената реакција од „Разговори за иднината во 12:05“.
Сепак, оттаму му честитаа на кандидатот на СДСМ Јовица Радески за достоинствениот настап во кампањата нагласувајќи дека бил доведен пред свршен чин бидејќи, тврдат, неколку други претходно одбиле кандидатура бидејќи не сакале „некој зад нивен грб да им се пазари со гласовите“.
„Не постои поголемо понижување за историјата на СДСМ од нивниот очај дека освоиле 225 гласа повеќе во споредба со 2025, а во исто време го премолчуваат фактот дека кандидатот има 57 гласа помалку од гласовите што ги освои советничката листа на СДСМ пред една година“, додаваат од платформата.
Тие бараат на седница на Централниот одбор на партијата раководството да одговори на неколку прашања, меѓу кои и колку анкети направени за потребите на раководството на СДСМ покажуваат дека партијата во изборната единица 6, каде припаѓа и Брвеница, не може да се надева на ниту еден пратенички мандат.
„Кој и зошто повторно ја актуелизира идејата за влез на ова раководство на СДСМ во Владата на Христијан Мицкоски? Уште што треба да му се случи на СДСМ за тој и неговата фракција да разберат дека треба веднаш и без одлагање да ја напуштат Бихаќка?“, наведуваат од „Разговори за иднината во 12:05“.
По вчерашниот резултат од изборите во Брвеница, од СДСМ потенцираа дека тие успеале да го зголемат бројот на гласови во оваа општина за 46%. Односно, од 481 глас лани, сега освоиле 706. Од друга страна, потенцираат, поддршката на ВМРО-ДПМНЕ се намалува со тоа што нивниот кандидат освоил 13% помалку гласови.
Изборите за градоначалник во Брвеница беа втори во период од една година. На редовните локални избори во октомври и ноември лани, победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски.
Илиевски почина, по што се распишаа предвремени избори. И на нив, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, освои најмногу гласови, но не успеа да победи во првиот круг. Во вториот, на 1 ноември, ќе се соочи со кандидатот на ДУИ, Аркин Јахи.
Ланските локални избори и слабиот резултат на СДСМ, кој освои само шест градоначалнички места, ги засилија шпекулациите дека внатрепартиски струи ќе бараат смена на Филипче и раководството.
Во јули годинава, платформата „Разговори за иднината во 12:05“ официјално се претстави во јавност. Во оваа група има поранешни партиски функционери и познати лица од СДСМ, како што се Игор Ивановски – Шема, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, но и актуелната пратеничка Славјанка Петровска.
Филипче, пак, за лидер беше избран во јуни 2024 на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Димитар Ковачевски поради историски најлошиот резултат на партијата на парламентарните и претседателските избори истата година.
На редовни внатрепартиски избори во април 2025 тој беше избран за нов четиригодишен мандат.


