Претставници на платформата што бара промени во СДСМ не планира да биде нова политичка партија, но сакаат промена на актуелното раководство предводено од Венко Филипче. Тие сметаат дека Социјалдемократскиот сојуз може да биде опозициска сила која ќе го обедини опозицското расположение, но не на чело со Филипче.
Без него, според нив, со силно опозициско обединување би можело да се дојде и до рушење на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Вакви ставови денеска на брифинг со дел од новинарите споделиле истакнати членови и поранешни високи функционери во опозициската партија, пренесуваат дел од медиумите што биле поканети и присуствувале на брифингот. Во оваа група што бара промени во СДСМ се Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, но и актуелната пратеничка Славјанка Петровска.
Додека тие сметаат дека ако го сметат Филипче понатаму ќе може да го срушат ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот лидер на СДСМ повторно ги обвини за поврзаност со актуелната власт.
„Нема друго објаснување, нека се вразумат. Ова не е добро. Не само за СДСМ, не е добро за државата. Ситнење на опозицијата, на СДСМ во оваа тешка чувствителна политичка ситуација не е добро за иднината на државата. Видовме еден ваков пример, тоа беше Движењето ЗНАМ. Така победи ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Ја раситнија СДСМ, ја поделија и после ЗНАМ им се приклучи“, коментираше Филипче денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Тој праша и како да верува во намерите на оваа платформа кога на отворена покана „да дојдат и да разговараат, тие упорно тераат на страна од партијата“.
По долги шпекулации дека ќе се појави иницијатива што ќе бара промена на Филипче и останатото раководство на СДСМ, претставниците на оваа платформа првиот состанок за кој јавно известија го одржаа во јули годинава под името „Разговори за иднината во 12 и 5“. За в сабота, 26 септември, тие најавија втори „Разговори за иднината во 12 и 5“, а тематскиот наслов ќе биде “35 години потоа…” посветен на јубилејот од етаблирањето на суверена и независна Македонија.


