Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека ќе го предложи Горан Герасимовски, градоначалник на скопската општина Центар, за нов потпретседател на партијата.
Информацијата Филипче ја објави на социјалните мрежи, истакнувајќи дека Герасимовски со својата работа и освоениот втор градоначалнички мандат ја оправдал довербата на граѓаните.
„Горан е човек кој со силна, посветена и одговорна работа ја заслужи довербата на граѓаните на Општина Центар. Победата и освоениот втор мандат како градоначалник се најдобра потврда дека резултатите, блискоста со луѓето и искрената работа секогаш се препознаваат“, напиша Филипче.
Тој додаде дека очекува Герасимовски да придонесе за натамошното зајакнување на партијата.
„Убеден сум дека Горан, со своето искуство, работа и искрена желба, ќе внесе нов импулс, ќе ги обедини сите наши капацитети против криминалната власт и ќе даде придонес во градењето на уште посилен СДСМ“, напиша Филипче.
Горан Герасимовски освои втор мандат за градоначалник на Центар на локалните избори 2025 година откако го победи противкандидатот Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ.
СДСМ на ланските локални избори освои само шест градоначалнички места.


