Жесток судир за Изборниот законик – дали дијаспората треба да гласа електронски на претседателските избори во 2029 година?

Објавено:

Гласањето на дијаспората е главниот спор меѓу партиите од власта и опозицијата поради кој не постигнаа договор измени во Изборниот законик, еден од најчувствителните закони во секој демократски систем и дел од реформската агенда. Неговите одредби ги регулираат правилата според кои политичките партии и кандидатите ја водат изборната кампања, начинот на организирање на изборите, работата на изборната администрација, финансирањето на кампањите, медиумското претставување и механизмите за заштита на избирачкото право.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повика на компромисно решение, додека опозициските СДСМ, Левица и ЛДП најавија блокада со илјадници амандмани поради сомнеж за можни злоупотреби.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат на претседателските избори во 2029 година, оценувајќи дека секој македонски граѓанин, без разлика каде живее, треба полесно да го оствари своето избирачко право.

„Изборниот законик е усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР и претставува дел од реформските обврски на Македонија. Наместо конструктивност, СДС и Левица избраа политички театар, свесни дека секое одложување значи штета за државата и за европскиот реформски процес. Ако навистина СДС и Левица имаат суштински забелешки, нека ги предложат. Никој не бега од аргументирана дебата. Но десетици илјади амандмани не се обид за подобрување на закон, туку класична парламентарна опструкција“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, обвини дека премиерот Христијан Мицкоски сака Изборен законик со кој „никој нема да контролира околу 200.000 гласови“.

„Сака гласовите на дијаспората што ќе пристигнуваат преку интернет да немаат никаква контрола. Додека нашите граѓани кои гласаат во татковината минуваат сериозна контрола пред гласање – дури и отпечаток од прст, проверка на документи, потпис во Избирачки список, Мицкоски сака да има апсолутна можност за кражба преку гласање на далечина“, соопштија од СДСМ.

СДСМ и Левица поднесоа околу 13.500 амандмани. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предложи да се формира експертска работна група за да се уреди спорното прашање.

„Ако постои и најмал сомнеж дека нешто може да го наруши изборниот процес, зошто да брзаме? Изборите не се ниту утре, ниту наесен. Тие се во 2029 година. Нека се формира експертска работна група, нека се повлече овој член од законот, нека се работи темелно, а потоа, ако се утврди дека системот е безбеден и сигурен, повторно нека се предложи како измена на Изборниот законик. Зошто дијаспората, односно нашите сограѓани во странство, да гласаат на начин за кој утре може да се отвори сомнеж дали бил законски, дали бил злоупотребен и дали изборите биле легитимни? Зошто нашите сограѓани да бидат изложени на таков ризик?“, рече Филипче.

Партијата Левица се смета себе си за единствена оштетена доколку остане на сила актуелниот Изборен законик, бидејќи ќе остане без рамноправен пристап до државното финансирање за изборна кампања и за платено политичко рекламирање.

За електронското гласање, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, вели дека моделот е заснован на францускиот, што, според него, е неприменлив за македонски услови.

Доколку политичките елити не најдат решение, на следните избори, без разлика кога и да се одржат, ќе се оди по постоечкиот Изборен законик, нешто што вчера го најави и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески.

„И покрај тоа што беа прифатени дел од забелешките на ДУИ и Левица, а неколку спорни одредби беа повлечени, не успеавме да постигнеме договор со СДСМ за електронското гласање на дијаспората. Со тоа разговорите се завршени и реално е да се очекува блокада на законот, што значи дека следните избори би можеле да се одржат според постојниот Изборен законик“, изјави Мицевски.

Предлогот за измени во Изборниот законик беше доставен до Собранието од пратениците Антонио Милошоски, Зеќирија Таири, Даниел Стојчевски, Блерим Беџети и Иванка Василевска. Собранието со 59 гласа „за“, 3 гласа „против“ и без воздражни ја изгласа потребата да се донесат по скратена постапка измените и дополнувањата на Изборниот законик, но големиот број амандмани од опозицијата ја закочија процедурата.

Изборниот законик е менуван над 30 пати во последните три децении, и во ниту една измена до сега во целост не се вметнати забелешките од набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР.

Францускиот модел на електронското гласање за граѓаните во странство беше воведен во 2012 година и на парламентарните избори во Франција во 2024 година достигна рекорд со повеќе од 410.000 онлајн гласови во првиот круг. Овој модалитет е ограничен на парламентарни избори во странство и конзуларни избори и не опфаќа претседателски, европски или гласови на референдум.

Дигиталниот канал на гласање претходно беше подложен на безбедносни проверки и евалуации од независни ревизори и под силен институционален надзор насочен кон заштита на доверливоста на гласачките ливчиња и интегритетот на системот.