Трамп лани заработил над 1,4 милијарди долари од крипто-бизнисите

Објавено:

Американскиот претседател Доналд Трамп во својата финансиска пријава за 2025 година објави приходи од повеќе од 1,4 милијарди долари, при што најголемиот дел доаѓа од крипто-валутите и дигиталните средства, покажуваат документите доставени до Канцеларијата за владина етика на САД, јавува новинската агенција Ројтерс

Според пријавата, компаниите на Трамп оствариле речиси 800 милиони долари од крипто-проектот World Liberty Financial, кој го основале тој и неговите синови. Од таа сума, повеќе од 520 милиони долари се од продажба на крипто-токени, а над 250 милиони долари од продажба на удели во компанијата. Дополнително, Трамп пријавил уште 635 милиони долари од продажба на неговите мем-монети.

Во споредба со претходната година, приходите од World Liberty значително пораснале. Лани Трамп пријавил 57,35 милиони долари од продажба на токени, а годинава таа сума е речиси деветпати поголема.

Според проценките на Ројтерс, семејството Трамп заработило најмалку 2,3 милијарди долари од крипто-проекти откако Трамп се врати во Белата куќа во 2025 година до сега. Во меѓувреме, неговата администрација усвои политики што индустријата ги оцени како поволни, меѓу кои регулатива за стабилни монети и намалување на контролата врз крипто-секторот.

Освен од крипто, Трамп пријавил и повеќе од 80 милиони долари приходи од спогодби со медиумски компании, како и 52 милиони долари од лиценцирање на неговото име за странски инвеститори, главно од Блискиот Исток.

Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, ги отфрли обвинувањата за судир на интереси, нагласувајќи дека ниту претседателот ниту неговото семејство не се вклучени во такви активности и дека сите политики се донесуваат во интерес на американските граѓани.

Трамповите традиционални бизниси, особено голф-клубовите и одморалиштата, исто така бележат раст. Во 2025 година тие оствариле повеќе од 500 милиони долари приходи, што е за околу 15 проценти повеќе од претходната година, при што најголем раст е забележан во клубот Мар-а-Лаго на Флорида.