Со едноминутно молчење за жените и девојките жрвти, чии животи беа насилно одземени, вечерва во Скопје, се одржа протестот на Движењето за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе“. Протестот започна пред Собранието, продолжи низ центарот на градот и заврши пред Министерството за внатрешни работи.
Протестот, како што велат учесниците и организаторите, кревање глас против институциите коишто „цела година молчат“ пред родово базираното насилство и фемицидите.
„Нема повеќе изговори, нема да ви дозволиме да закопате уште една жена. Женската борба денес е борба за живот. Продолжува со сите нас и со почит кон сите жени, девојки и девојчиња чии животи беа насилно одземени“, беше потенцирано на протестот.
Шест наредби за институциите
Во обраќањата пред Собранието пред насобраните, претежно млади девојки и момчиња, претставниците на Движењето кажаа, како што беше нагласено, шест наредби до институциите и побараа тие да бидат реализирани до 10 декември – Денот на човековите права.
„Денеска наредуваме шест конкретни наредби до институциите. Каде е сега итната постапка? Најитно донесување на законските измени за заштита од насилство, особено на Законот за спречување и заштита на жените и семејното насилство поднесени на 26 август во Собрание. Рокот ви е до 10 декември. Во спротивно ќе го славиме Денот на човековите права на 10-ти пред Собрание“, рече Анастасија Павловска од Движењето за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе“.
„Да се донесат осумте закони“
Таа исто така побара и носење на осумте закони за кои е формирана работна група, меѓу кои и законите за полицијата, за семејството, социјалната заштита, правосудството и други. Побараа најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство, активна работа за системско искоренување на насилството, усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската Надзорна расправа за родовобазирано насилство со најконкретни институционални задолженија, рокови и механизми за следење.
„Родовата еднаквост е уставна категорија и не само тоа, дел е од нашата антифашистичка историја, еманципација, и нашата гласност со тие вредности нема пиши-бриши поради странски влијанија и притисоци“, рече Павловска.
Исто така побараа повлекување, на како што беше кажано, сите регресивни измени во законите за основно и средно образование, учебниците и сите други алатки и програми.
Џорлев: Ви се обраќаме со многу гнев!
Во обраќањето пред Парламентот, Мартин Џорлев рече дека одговорните треба конечно да преземат одговорност за фемицидите, за сета смрт, за корупцијата и за уништувањето на нивниот идентитет.
„А на вас, оние кои стоите на патот на правдата, политичари, судии, полицајци, насилници, парољупци… на сите ви се обраќаме со многу гнев, ама и сепак со многу емпатија за своите сограѓани. Без правда, нема мир. Без луѓе нема правда, а тие луѓе сме сите ние и додека не ја добиеме правдата мир за вас ќе нема“, рече Џорлев.
Бројот на случаи на родово базирано насилство и на фемициди во Македонија, и во светот, постојано расте, поради што се вклучени многу аларми од релеватни институции, активисти, грашани…
„Полицијата била запознаена со насилството“
Според податоците од Министерството за внатрешни работи годинава во Македонија се регистрирани седум фемициди. МВР поднело 1.450 кривични пријави за семејно насилство во 2026, што претставува зголемување од 50% во споредба со минатата година.
Во околу 90 проценти од анализираните случаи на фемициди и обиди за фемициди, за кои има податоци за претходно пријавено насилство, полицијата била запознаена со насилството. И покрај тоа, жените биле убиени или биле цел на обид за убиство, покажува анализата на 59 случаи на фемициди и обиди за фемициди, изработена од Хелсиншкиот комитет и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Кордон пред МВР и гроб на жртвите на институциите
За време на вечерашниот протест против фемицидите во Скопје, во близина на МВР, демонстрантите направија импровизиран гроб на „жртвите на институциите“, непосредно пред полицискиот кордон кој не дозволи да се доближат до зградата на Министерството.
„Кого штитите?“, прашаа учесниците на протестот, извикуваа „џандари убијци“ и фрлаа со тоалетна хартија кон полицискиот кордон.
„Овде почиваат телата на 59 жени жртви на институциите. Споменикот го подигнаа другарките и другарите, соборките и соборците против насилството“, пишуваше на импровизираната надробна плоча.






