ЕСМ даде понуди за снабдување со струја – Колкави ќе бидат сметките од јануари?

Објавено:

Државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) ги доставила најповолните понуди за двата лота на денешниот тендер за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи со струја во 2027 година, соопшти универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“. За 70 отсто од планираните количества ЕСМ понудила 65 евра за мегават-час, а за преостанатите 30 отсто – 74 евра за мегават-час.

Поделбата на набавката на два дела е поврзана со обврска од Реформската агенда. Од 1 јануари 2027 година, ЕСМ може да покрива до 70 отсто од потребите на универзалниот снабдувач по повластена цена. За останатите количества „ЕВН хоум“ бара понуди на отворениот пазар, каде што може да учествува и ЕСМ.

Колку двете понуди ќе влијаат врз сметките за струја ќе покаже пресметката на „ЕВН хоум“. Од компанијата велат дека ќе ја направат според однапред утврдени параметри и под надзор на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, на 20 ноември во изјава за ТВ Сител рече дека од 1 јануари струјата за домаќинствата најверојатно ќе поскапи за два до три отсто. Ристов тогаш зборуваше за цена од 65 евра за мегават-час за првите 70 отсто од потребните количества и за околу 76 евра за остатокот. За тој втор дел ЕСМ денеска понудила 74 евра.

Премиерот Христијан Мицкоски на 13 ноември изјави дека Владата со раководството на ЕСМ разработила нов бизнис-модел со две цели – државната компанија да ја задржи цената по која ја продава струјата и да ја заврши 2027 година со добивка. Тој тогаш посочи дека Владата може да влијае врз понудата на ЕСМ, додека другите компании во енергетскиот систем самостојно одлучуваат за своите барања.

Два дена пред тендерот, прашан за процената на Ристов, Мицкоски повтори дека Владата одлучува за цената што ЕСМ ќе му ја понуди на „ЕВН хоум“. „Ние како Влада ќе дадеме сè од себе да не се зголемува таа цена“, рече премиерот на 23 ноември.

Според пресметките од двата лота, просечната цена по која ЕВН ќе купува струја од ЕСМ е 67,7 евра за мегават-час.

Ова ќе влијае врз зголемувањето на крајната цена со оглед на тоа што за годинава таа е 65 евра за мегават-час. Зголемувањето е 4,15 проценти, но ова е само делот од државните електрани,но не и зголемување на крајната цена. Во формирањето на цената учествуваат и други чинители, но еден од најважните е струјата купена од ЕСМ.