Мојата порака до сите партнери беше јасна: одржете го моментумот и испорачајте ги реформите што ќе ве доведат во Европската Унија. Проширувањето е реална можност и треба да се искористи. Штотуку го завршивме Самитот Европска Унија – Западен Балкан, наш втор самит оваа година. Зачестеноста на нашите контакти го одразува интензитетот на нашиот политички ангажман со регионот. Предизвикувачката геополитичка ситуација само ја нагласува потребата од сè поблиски врски меѓу Европската Унија и Западен Балкан. Денешниот самит ја потврди перспективата за членство на Западен Балкан во Европската Унија.
Вака претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се обрати на прес-конференцијата по Самитот ЕУ – Западен Балкан, одржан денеска, 25 ноември 2026 година во Брисел.
Домаќини на собирот во Брисел беа претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен. На Самитот учествуваа лидерите на пет од шесте земји од Западен Балкан.
На вториот овогодишен самит меѓу ЕУ и Западен Балкан, учесниците разговараа за постигнатото од претходната средба во Тиват, како и за начините за дополнително унапредување на постепената интеграција на регионот во Унијата. Граѓаните на Западен Балкан, рече Кошта, веќе ги чувствуваат придобивките од тој процес, а сложените геополитички околности дополнително ја истакнуваат потребата од поблиски врски.
„Нашите партнери од Западен Балкан можат да сметаат на Европската унија. Ние сме вашиот најсигурен партнер и такви ќе останеме“, порача Кошта.
Фон дер Лајен најави прераспределба на средствата од Планот за раст
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на крајот од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел најави прераспределба на средствата од Планот за раст во корист на земјите кои најмногу напредувале во спроведувањето на реформската агенда.
„Кога станува збор за Планот за раст, многу ни е важно расположливите средства да ги ставиме во функција. Мораме да ја искористиме приликата, бидејќи парите постојат и треба да се вложат и да дадат резултати. Затоа планираме значителни средства да пренасочиме кон трите земји кои остварија најголем напредок во рамките на Инструментот“, изјави претседателката на Европската комисија на прес-конференцијата.

РСЕ: Не се спомнаа имиња, но дополнителни средства ќе има за Црна Гора, Албанија и Македонија
Иако не ги спомена имињата на земјите, извори од ЕУ неофицијално веќе потврдија дека дополнителни средства ќе добијат Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. Станува збор за пари кои трајно ги загубија Србија, Косово и Босна и Херцеговина, објави балканскиот сервис на Радио Словодна Европа (РСЕ).
Овие три земји неповратно останаа без дел од средствата од Планот за раст бидејќи не ги испочитуваа роковите за реформи. Сè уште нема потврда за точните износи, односно за тоа колку пари загубила секоја од нив и колку повеќе ќе добијат трите најуспешни држави.
Планот за раст за Западен Балкан е најамбициозниот финансиски пакет на ЕУ за регионот. Планот вреди шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни средства, а четири милијарди поволни кредити, и треба на земјите од регионот да им го приближи единствениот пазар на ЕУ и да го забрза нивниот економски раст.
Што пишува во завршната декларација?
Европските лидери повторно ја потврдуваат целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ. Проширувањето во нацрт-декларацијата се опишува како реална можност што треба да се искористи и како геостратешка инвестиција во европскиот мир, безбедноста, стабилноста и просперитетот, пишува РСЕ.
Земјите од регионот се повикуваат да ги забрзаат одлучните и веродостојни реформи, особено во областа на темелните прашања, и да ги исполнат обврските неопходни за напредок на европскиот пат.
„Забрзувањето на пристапниот процес, засновано врз веродостојни реформи на партнерите, правична и строга условеност и принципот на сопствени заслуги, е во наш заеднички интерес“, се наведува во документот.
Лидерите на ЕУ го истакнуваат и значењето на посветеноста на земјите од регионот на европските вредности и принципи, во согласност со меѓународното право, приматот на демократијата, темелните права и владеењето на правото. Од нив се очекува таа посветеност да ја покажат со конкретни дела, односно со преземање одговорност и спроведување на неопходните реформи, особено во областа на темелните прашања и владеењето на правото.
Мицкоски: Не би се сложил дека Албанија е лидер во регионот, нивната позиција е како автобус кој се ниша

Пред почетокот на Самитот, македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дек очекува Европската комисија да го препознае напредокот на Македонија во спроведувањето на Реформската агенда и да обезбеди дополнителни 75 милиони евра во рамки на Планот за раст за Западен Балкан.
При пристигнувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, Мицкоски истакна дека Владата континуирано ги исполнува реформските обврски, нагласувајќи дека билатералните прашања не се дел од Реформската агенда.
„Не би се сложил дека Албанија и Црна Гора повеќе напредуваат од Македонија, нивната позиција е како автобус што се ниша. Ние сме фронтранери во Реформската агенда“, изјави премиерот Мицкоски пред да замине во Брисел. Опозициската СДСМ бара од Мицкоски да им се извини на граѓаните.


