Со месеци се расипани лифтовите во катните гаражи на Градски паркинг

Објавено:

Вторник навечер, 15-20 минути пред полноќ. Невообичаена е раздвиженоста пред и во катната гаража „26 јули“ во центарот на Скопје. Десетина автомобили паркирани пред неа, уште поголем број возат од шести кат надолу кон излезот. По скалите, возбудени полуматуранти се движат по скалите и евалуираат спомени за забавата што ја имале во ресторанот што се наоѓа на кровот на катната гаража.

„Извинете, каде се плаќа овде паркинг? Првпат сме во катната, влеговме да ги земеме децата“, праша еден од родителите.

Причината за врвулицата автомобили што се движеа низ катната гаража беше што ниту еден од четирите лифтови во неа не работат, па дел од родителите влегуваа за да ги земат децата на крајот на полуматурската забава.

Кога има некој поголем настан во угостителскиот објект, сведочат вработените во оваа катна гаража, има организиран превоз – комбе ги собира гостите на приземје и ги носи до ресторанот.

Дека лифтовите не работат со месеци, сведочат и граѓани кои секојдневно или повремено паркираат таму.

„Плаќам месечна карта во оваа гаража. Најмалку шест месеци не работи ниту еден лифт. Претходно, имаше период кога барем еден ќе работеше, но не во полна пареа. На пример, сабајле кога паркираш, не работи, кога завршуваш со работа попладне работи“, вели скопјанец кој работи во непосредна близина на „26 јули“ и последните две години паркира таму.

Го паркирам автомобилот повремено таму зашто е најевтино, раскажува друга скопјанка.

Еднаш со дете со количка паркирав на 4 кат, и немаше како да се симнам по скалите. Среќа, во исто време уште еден возач паркираше па ми помогна да се симнам со сè количката и детето“, додаде таа.

„26 јули“ е една од двете катни гаражи во главниот град со кои стопанисува Јавното претпријатие (ЈП) Градски паркинг на Град Скопје. Другата, исто така е во Центар. Станува збор за гаражата „Беко“ каде лифтовите исто така не работат. Граѓани кои паркираат таму тврдат дека најмалку два месеци не работи ниту еден од трите лифтови.

„Ако сакав кардио вежби, ќе одев на кеј, не мора од градски паркинг да ме принудуваат со месеци да се качувам до седми кат пешки затоа што нив ги мрзи да си ги поправат лифтовите. Бараат редовно да си платам сметка за паркинг од 25-ти до 30-ти во месецот, ама не ти ја даваат целата услуга што си ја платил“, вели скопјанка која последниве неколку години користи месечна претплата во „Беко“.

Град Скопје ќе даде пари за дел од лифтовите

За состојбата со лифтовите во гаражите кои се под градска надлежност, свесна е и локалната власт, која најавува наскоро санирање.

Поминаа седум месеци откако се смени власта во Скопје по локалните избори што се одржаа лани во октомври и ноември. Сепак, оттаму вината ја префрлаат на претходното раководство. Нефункционалноста на лифтовите, велат, е „резултат на долгогодишната негрижа на претходната локална власт“.

Со последниот ребаланс на буџетот, направен пред неколку дена, најавуваат оти дел од состојбите ќе се решат.

„Меѓу другото, лифтовите претставуваат приоритет на Град Скопје и ЈП ’Градски паркинг‘ и во таа насока се преземени чекори односно на седница на Совет на 9 јуни со ребалансот на буџетот се обезбедени средства за реконструкција на дел од лифтовите“, одговорија од Град Скопје на прашањата на Колегиум.мк.

Останатиот дел од лифтовите, потенцираат, ќе ги санира самото Јавно претпријатие „Градски паркинг“.

„Градски паркинг“ генерално работи со добивка

Во двете катни гаражи со кои стопанисува „Градски паркинг“ има вкупно 1.050 паркинг места. 445 се во „26 Јули“, 605 во „Беко“.

Во првиот квартал од 2026 (јануари-март) според финансискиот извештај на Јавното претпријатие, „Беко“ како поголема гаража, донела приход од околу 100.000 евра, додека „26 јули“ околу 40.000 евра. Покрај од катните гаражи, „Градски паркинг“ генерира приходи и од затворени паркинзи, зонско паркирање, пајак служба и други.

Вкупниот приход што го имало претпријатието во првите три месеци бил 1,25 милиони евра. Тој е намален за околу 72.000 евра во споредба со првиот квартал 2025.

„Сметаме дека во најголем дел намалувањето на приходите се должи како резултат на зголемување на обврската за комунална такса. Во периодот што следи во претпријатието ќе се направат анализи на влијанието на висината на комуналната такса врз работењето на паркинзите“, пишува во финансискиот извештај кој е последниот јавно достапен.

Сепак, и покрај намалувањето на приходот, кога на кантар ќе се стават вкупните приходи и расходи, „Градски паркинг“ во конкретниот период имал добивка од околу 208.000 евра – 83.000 помалку од истиот период лани.

Кога е во прашање цела 2025 година, пак, двете катни гаражи генерирале приход од речиси 550.000 евра.

Приходите од сите сектори што ги имало претпријатието биле 5,1 милион евра, додека расходите 4,5. Годината била завршена со добивка од околу 590.000 евра.

Од последните 10 години, повеќето биле завршени со позитивен биланс на сметка. А, во две календарски години Јавното претпријатие имало загуби.

Според годишните финансиски извештаи, „Градски паркинг“ во 2024 имал добивка од речиси 490.000 евра. Таа била значително помала во 2023 – околу 150.000 евра.

Во 2022, пак, „Градски паркинг“ работел со загуба од околу 210.000 евра.

Годината претходно била со добивка од речиси 20.000 евра, додека 2020 повторно имало загуба од околу 500.000 евра.

2019-та била со добивка од 360.000 евра. Речиси 270.000 била добивката во 2018, додека во 2017 таа изнесувала околу 210.00 евра.