Илјадници граѓани денеска протестираа во Прага против планот на владата предводена од милијардерот Андреј Бабиш да го смени финансирањето на јавната телевизија и радио. Демонстрантите предупредуваат дека предложените измени ја загрозуваат независноста на јавните сервиси.
Толпата од илјадници луѓе беше поголема отколку што живописниот Староградски плоштад можеше да собере, па многумина ги пополнија и околните улици, јавува Еј-Би-Си Њуз. Владејачката коалиција ги разгневи демонстрантите со тоа што неочекувано го забрза планот во долниот дом на Парламентот пред два дена.
Коалиционите пратеници избрзано го отворија прашањето и го ограничија времето за учество на опозицијата во дебатата, пред да гласаат и да му дадат зелено светло нацртот во првото од трите парламентарни читања во 4:36 часот наутро.
„Доста ни е“, „Ова не смее да се дозволи да помине“ и „4:36“ беа паролите што ги скандираа демонстрантите.
„Отидовте премногу далеко, нема да дозволиме оваа земја да биде уништена“, изјави Микулаш Минар, главен организатор од групата „Милион моменти за демократија“.
Демонстрантите бараат повлекување на нацртот и го повикаа Бабиш да овозможи темелна јавна дебата за прашањето.Според планот, јавното радио и телевизија би се финансирале од државниот буџет, а не од редовните такси од поединци, домаќинства или бизниси. Медиумите би добиле околу 15% помалку пари отколку што добиваат сега.
Критичарите велат дека оваа промена би ѝ дала на коалицијата средство да ја преземе контролата врз медиумите следејќи ги примерните практики на популистичките влади во Словачка под водство на премиерот Роберт Фицо и во Унгарија пред поранешниот премиер Виктор Орбан да биде отстранет од власт во април.
Бабиш и неговите сојузници имаат историја на напади врз јавните и другите мејнстрим медиуми. Вработените во државните медиуми најавија штрајк за 3 ноември. Тие се поддржани од синдикатите, ректорите на универзитетите, црквите, меѓународните медиумски организации и многу други.
Демонстрантите се заложија дека ќе организираат собир во прашкиот парк Летна на 15 ноември, два дена пред годишнината од антикомунистичката Кадифена револуција од 1989 година, со која заврши повеќе од 40-годишното тоталитарно владеење.Бабиш формираше владејачка коалиција минатата година со две мали политички групи чија агенда вклучува намалување на поддршката за Украина и отфрлање на некои клучни политики на Европската Унија.
Во петокот, Европската радиодифузна унија, заедно со уште 15 организации, меѓу кои и други јавни радиодифузни сервиси и „Репортери без граници“, повика на поширока дебата и на отстранување на сите мерки што ја загрозуваат финансиската одржливост на јавните сервиси.
И претседателот Петр Павел побара потемелна стручна анализа.
„Чешка е меѓу ретките земји во Централна и Источна Европа каде што системот на јавни и приватни медиуми функционира многу добро“, напиша тој во саботата на социјалната платформа Икс порано позната како Твитер.


