Петнаесетгодишно момче од тетовско Боговиње заврши во болница со куршум во стомакот. Во текот на денот бил примен во Клиничкиот центар во Тетово со прострелната рана. За случајот била информирана и полицијата.
Во меѓувреме во полициската станица во Тетово се пријавиле 42-годишен маж и неговиот 16-годишен син и го предале пиштолт од кој бил испукан куршумот.
„Според изјавата на С.М.,(42) настанот се случил околу 13:45 часот во с.Боговиње, при што од невнимание дошло до испукување на еден куршум од пиштолот, кој го носел неговиот малолетниот син. Извршен е увид во присуство на јавен обвинител од ОЈО Тетово и претставници од Центарот за социјални работи Тетово“,е наведено во полицискиот билтен.
Од МВР додаваат дека малолетникот е задржан за понатамошна постапка и оти се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.
Според законот против малолетникот се поднесува кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство (Одделение за малолетници), а зависно од возраста, кривичната одговорност може да се прошири и врз родителите/старателите за запоставување или за „неовластено изработување, држење и тргување со оружје“ доколку се утврди пропуст во чувањето на истото.
Полициските извештаи редовно нагласуваат задолжително присуство и увид од страна на претставници од центрите за социјална работа, со оглед на тоа што мерките кон малолетниците водат кон воспитни или заводски дисциплинирања наместо класични затворски казни (зависно од возраста и тежината на делото).


