Наместо бис, во полициска станица-прекинат настапот на белградскиот „ЕКВ Круг“ во Сплит

Објавено:

Настапот на бендот што ги изведува култните песни на познатиот бенд „Екатарина Велика“ бил прекинат во петокот, 23 октомври, околу 23:30 часот, во клубот „Бекбар План Б“. Полицијата постапувала по дојава и утврдила дека четворица музичари ги немаат потребните потврди за пријавување работа на странски државјани, јавува хрватскиот портал Тпортал.

Полицијата во клубот во “Улицата на Слободата“ пристигнала по примена информација дека таму настапуваат странски државјани без потребна документација. Со проверката потврдија дека четворицата музичари немаат пропишани потврди, па концертот беше прекинат.

„Членовите на составот не се приведени, туку се повикани да појдат со полициските службеници во полициската станица ради понатамошно постапување според одредбите на Законот за странци, што и го сторија“, појаснија од полицијата за далматинскиот портал.

ЕКВ Круг е белградски трибјут бенд, основан во 2006 година, кој ги изведува песните на култната рок-група Екатарина Велика, а го сочинуваат и поранешни членови на оригиналната постава, меѓу кои тапанарот Марко Миливојевиќ и басистот Драгиша Ускоковиќ.