Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ, носителот на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, по гласањето на Нови Белград, вербално се судри со хрватските новинари, јавува хрватскиот медиум „ Индекс.хр“. Кога се обидоа да му постават прашање, тој ги прекина и порача дека предност имаат српските медиуми.
„Сочекајте вие, хрватски новинари, ова се српски, а не хрватски избори, стрпете се малку“, рече Вучиќ. Тој додаде дека Хрватска би требало да покаже поголема почит кон Србија. На прашањето од хрватските новинари да наведе конкретен пример за мешање на Хрватска во српските избори, тој не наведе ниту еден случај.
„Доволно е да отворите било кој весник, портал, телевизија… Ако вие тоа не го гледате, имате друг проблем, а тој не е врзан за докази туку за тоа дали гледате добро и дали знаете да читате“, одговори тој.
„Србија денес одлучува по кој пат оди“
Вучиќ на гласањето дојде со својата сопруга Тамара, а поради големата гужва на избирачкото место чекаше околу два часа. По гласањето изјави дека ќе го прифати резултатот од изборите без разлика на исходот.
„Како што секогаш зборував, изборите можете да ги добиете и да ги изгубите. Ние секогаш ќе се однесуваме одговорно, доколку изгубиме да ја признаеме гласачката волја, доколку победиме, никој нема да ја одземе и тоа е тоа“, рече тој.
Тој додаде дека Србија денес избира „во кој правец оди, дали оди во иднината или во минатото, во времето на грабежливите приватизации, економското растројство на земјата, политичкото понижување и на нацијата и на целата држава“. „Па ќе видиме како луѓето ќе одлучат, волјата на народот е волја Божја“, порача тој.
Резултатите ги очекува околу 22:30 часот
Вучиќ изјави дека првите појасни проценки на резултатите би можеле да бидат познати помеѓу 22 и 23 часот. „Околу 22, 22:30, 23 часот ќе знаеме кој победил, ако ништо друго. Тогаш ќе ја имаме првата или прелиминарната проценка на конечниот резултат“, рече тој.
Тој додаде и дека во хрватските медиуми читал тврдења дека е „готов“, но порача дека повеќе ќе се знае по пребројувањето на гласовите. Прашан за поддршката од рускиот претседател Владимир Путин и нејзиното значење за идните односи, Вучиќ рече дека различни политички актери добиваат поддршка од различни луѓе.
„Јас сум среќен, знаете, некој добива поддршка од Наташа Кандиќ и од Соња Бисерко, некој добива од Фицо, Путин… Секој според заслугите“, рече Вучиќ.


