Во Бугарија се одржуваат претседателски избори: Главна борба меѓу Јотова и Ѓуров

Објавено:

Денес во Бугарија се одржуваат избори за претседател и потпретседател, на кои се натпреваруваат 27 двојки. Право на глас имаат околу 6,59 милиони граѓани во над 12.680 избирачки места (вклучувајќи 613 избирачки места во странство).

Изборниот ден започна нормално во земјата и во странство, и покрај ситни технички проблеми со машините за гласување во неколку секции (во Јамбол, Хасково и Русе), каде што привремено се премина на хартиени ливчиња. Централната изборна комисија (ЦИК) соопшти дека сите избирачки места отвориле навреме.

Главната политичка трка е меѓу Илијана Јотова и Андреј Ѓуров. Според новинската агенција Асошиетет Прес, кампањата ја обележале економските тешкотии, енергетските цени и односот кон војната во Украина. Се очекува втор круг на 1 ноември.

Претседателските избори во Бугарија се и тест за политичкото влијание на Румен Радев, кој по заминувањето од претседателската функција и победата на парламентарните избори во април стана премиер. Неговата „Прогресивна Бугарија“ ја поддржува Илијана Јотова, додека главниот противкандидат Андреј Ѓуров ја има поддршката на прозападната реформска опозиција. Исходот ќе покаже дали Радев може да ја претвори парламентарната победа во поширока и потрајна политичка доминација.

Јотова ја презеде претседателската функција во јануари, откако Радев поднесе оставка за да учествува во парламентарната трка. Претходно беше негова потпретседателка. На овие избори бара сопствен петгодишен мандат, со поддршка и од Бугарската социјалистичка партија. Нејзиниот главен ривал, економистот Ѓуров, е поранешен вицегувернер на централната банка и поранешен технички премиер.

Во кампањата силно се судрија нивните ставови за Русија и војната во Украина. Јотова повикува на дипломатско завршување на војната, додека Ѓуров застапува поцврста поддршка за Киев и јасно позиционирање на Бугарија како сојузник во НАТО. Неодамнешните напади врз трговски бродови во Црното Море дополнително ја изострија расправата за безбедноста на земјата и одговорот на институциите.

Бугарија влегува во гласањето по години политичка нестабилност и повторувани предвремени избори. Според анализата на „Опсерваторија Балкани и Кавказ“, за движењето на Радев ова е и организациски тест: дали може повторно да ги мобилизира гласачите, шест месеци по парламентарниот успех, во општество заморено од постојани изборни циклуси.

Неизвесност внесува и однесувањето на гласачите на ГЕРБ. Партијата на Бојко Борисов не предложи сопствен претседателски кандидат. Борисов изјави дека нема да гласа за Јотова, но изрази резерви и кон Ѓуров. Оттука, распределбата на поддршката од ова гласачко тело може да биде значајна, особено при евентуален втор круг.

За победа во првиот круг се потребни повеќе од половината важечки гласови, при излезност поголема од половината од сите избирачи. Ако не се исполнат двата услова, двајцата најуспешни кандидати одат во втор круг, предвиден за 1 ноември. Тоа значи дека ниската излезност може да наложи балотажа дури и ако еден кандидат освои над 50 проценти од важечките гласови.