Двојно помалку гласачи во Македонија за бугарските претседателски избори

Објавено:

Интересот на македонските државјани со бугарски пасоши за учество на претседателските избори во Бугарија бележи значителен пад. Според податоците објавени од Бугарската изборна комисија, за гласање на седумте определени избирачки места низ земјава се пријавиле само 265 лица.

Оваа бројка покажува сериозно намалување на излезноста во споредба со претходните парламентарни избори одржани во април 2026 година, кога правото на глас го искористиле вкупно 463 бугарски државјани кои живеат во Македонија. За изборите во Бугарија, гласањето за бугарските државјани во Северна Македонија е овозможено на вкупно 7 определени избирачки места (главно во дипломатско-конзуларните претставништва и други градови).

Според податоците од пописот од 2021 година, во Македонија како Бугари се изјасниле 3.504 лица, додека официјалните статистики од бугарските институции покажуваат дека околу 216.000 македонски државјани досега имаат добиено бугарски пасош. Во претходните изборни циклуси од 2022 до 2024 година излезноста во земјава се движела меѓу 320 и 460 гласачи, што потврдува дека интересот за учество во бугарските избори останува на ниско ниво.

Во првиот круг од претседателските избори во Бугарија учествуваат 27 кандидатски двојки, меѓу кои се актуелната претседателка Илијана Јотова со Кирил Валчев, Андреј Ѓуров и Георги Кандев, како и Костадин Костадинов и Петар Волгин.