Грција ги забрани социјалните мрежи за деца под 15 години

Објавено:

Забрана на пристап до социјалните медиуми за деца под 15 години е последниот закон што го донесе грчкиот парламент а ќе ќе стапи во сила на 1 јануари 2027 година. Законот, поднесен од грчкиот државен министер Акис Скерцос, беше усвоен со мнозинство гласови во пленарната сала на парламентот по дебатите што траеја повеќе од 16 часа, јавува новинската агенција Ројтерс.

Овој закон е одговор на сè поголемата загриженост за влијанието што овие платформи го имаат врз здравјето и безбедноста на малолетниците. Забраната се однесува на платформи каде што корисниците креираат профили и споделуваат содржини (како Instagram, TikTok, Facebook, Snapchat, X и други). Апликациите за пораки (messaging apps) остануваат достапни за децата под 15 години.

Грција е меѓу седумте земји членки на Европската унија кои заедно со Европската комисија бараат решение за потврдата на возраста при употреба на социјалните мрежи. Новите одредби бараат од платформите на социјалните медиуми да имплементираат механизми за проверка на возраста на корисниците за да се осигура дека децата под 15 години немаат пристап до услугите опфатени со ограничувањето.

Законот предвидува користење на државните дигитални апликации како што се Gov.gr Wallet и Kids Wallet за проверка на возраста, при што властите тврдат дека овие алатки се дизајнирани да ја заштитат приватноста и да не откриваат лични податоци или датум на раѓање, туку само потврда дали корисникот е под или над границата од 15 години.

Според системот презентиран од грчката влада, верификацијата може да се изврши со потврдување дали корисникот е над или под одредена возрасна граница, без да се открие неговиот точен датум на раѓање или дополнителни лични податоци.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека платформите за социјални мрежи имаат рок од два месеци и половина да најдат начин за проверка на возраста на корисниците и заштита на нивната приватност. Грчките власти велат дека застануваат зад родителите за да помогнат во намалувањето на „бескрајното листање“ (endless scrolling), кое ги лишува децата од соништа, концентрација и време минато со пријателите. Интересно е што премиерот Мицотакис првичната најава за овој план ја направи во април токму преку видео на TikTok, една од платформите кои сега се опфатени со забраната.

Минатата година, Австралија стана првата земја што донесе закон за ограничување на социјалните мрежи за малолетници. Сличен закон усвоен во Франција беше укинат од уставниот совет на земјата во август. Слични иницијативи се појавуваат и во други европски земји (како Данска, Австрија и Кипар), додека Европската унија работи на сопствени регулативи познати како EU Kids Act.