Тринаесет лица побарале лекарска помош по денешните протести во Тирана, а четворица демонстранти останале во болница на дополнителни испитувања и лекување. По судирите со полицијата на 12-тиот ден од студентските протести, младите најавија дека утре повторно ќе се соберат пред Министерството за образование.
Според првичните податоци на албанското Министерство за здравство, кои вечерва ги пренесоа албанските портали „Панорама“ и „АБЦ њуз“, медицинска помош побарале осум демонстранти, двајца медиумски работници и тројца полицајци. Деветмина биле примени во Универзитетската болница за трауматологија, а другите во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и во една од градските поликлиники. Освен четворицата демонстранти што продолжиле со лекувањето, останатите биле пуштени по укажаната помош.
Еден од демонстрантите има повреда на окото. „Панорама“ известува дека бил погоден со гумен куршум, додека Министерството во соопштението ја потврдува повредата, но не ја наведува причината за неа. Според здравствените власти, тој е надвор од животна опасност и бил подложен на дополнителни испитувања.
Во текот на вечерта албанскиот портал „Панорама“ објави видео снимки за кои наведува дека прикажуваат полициско насилство врз граѓани, вклучително и удирање со палки и клоци додека лица лежат на земја. Полицијата, пак, во своето вечерно соопштение тврди дека нејзините припадници биле изложени на континуирани напади што ги загрозувале нивниот живот и здравје, како и безбедноста на граѓаните. Таа ги повика учесниците да се дистанцираат од маскирани лица што напаѓаат полицајци и институции и оштетуваат јавен и приватен имот.
Од полицијата порачаа дека правото на мирен протест е гарантирано со закон, но дека насилството и оштетувањето имот се казниви со закон. Во ова соопштение не е наведен вкупен број на приведени за денешниот протест. И покрај судирите, студентите најавија продолжување на протестите. Следното собирање е закажано за утре, 25 октомври, во 14 часот пред Министерството за образование, објави „Панорама“ во вечерното известување.
Ова е дванаесетти ден од протестите кои започнаа на 13 октомвири годинава.
Имено, антивладино движење во Тирана започна на 31 мај 2026 година, првично како протест против планиран луксузен туристички комплекс во заштитено крајбрежно подрачје, поврзан со инвестиции на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Движењето, познато како „Фламинго“, постепено ги прошири барањата кон борба против корупцијата, подобри услови за живот и оставка на премиерот Еди Рама. Во текот на летото протестите беа претежно мирни, пишува францускиот „Ле Монд“.
Новиот студентски протестен бран почна на 13 октомври, поради лошите услови на универзитетите, високите трошоци за студирање, недоволната финансиска поддршка и слабите можности за вработување по дипломирањето. Според новинската агенција Ројтерс, уште истиот ден дојде до насилни судири пред Министерството за образование каде демонстранти фрлаа тули и бетонски блокови, а полицијата одговори со солзавец и водени топови.
Насилството дополнително се прошири ноќта меѓу 13 и 14 октомври, кога беа кршени излози и избувнаа нереди низ центарот на Тирана, известуваше новинската агенција Асошиејтед прес. Во следните денови имаше нови судири и напади врз јавни објекти и деловни простории, додека барањата за подобро образование се споија со поширокото барање за заминување на Рама.


