Нови судири на протестите во Италија, околу 400 демонстранти приведени

Објавено:

Девет луѓе се во притвор, 87 се пред истражен судија, а 371 лице е однесено во полициски станици за време на денешните протести низ Италија. Ова е вечерниот биланс на Одделот за јавна безбедност, за кој јавуваа италијанските медиуми „Ла Република“ и „Скај ТГ24“. Италијанските протести на 24 октомври беа насочени против растечките животни трошоци.

Судири меѓу демонстранти и полицајци имало во Торино, Рим и Болоња, додека собирите во Милано поминале претежно мирно, јавува новинската агенција Ројтерс. Според нивниот медиумски извештај на протестите не биле забележани грабежи или вандализирање имот, како на минатите протести.

Во Рим, тензиите ескалирале кај Ларго ди Санта Сузана, каде што дел од демонстрантите фрлале шишиња и петарди кон полициски кордон. Полицијата одговорила со водени топови. Во главниот град се одржа и протест против военото ангажирање и зголемувањето на трошоците за одбрана, известува „Еуроњуз“.

Во Торино, полицијата го блокирала движењето на поворката кон центарот. Дел од присутните фрлале камења, шишиња и димни бомби, а полицајците употребиле солзавец. Во Болоња медицински екипи му помогнале на повреден млад демонстрант по судирите на улицата Маркони. Тензии имало и во Фиренца, каде што дел од учесниците се обиделе да пробијат полициски кордон, пренесува „Еуроњуз“.

Во Милано, студентски, активистички и пропалестински групи се споиле во заедничка поворка кон плоштадот Леонардо да Винчи, каде што се наоѓа Политехничкиот универзитет. Според медиумските процени што ги пренесува „Еуроњуз“, на маршот учествувале околу 10.000 луѓе. Градот беше под засилено обезбедување по насилството од претходниот викенд. Владата на премиерката Џорџа Мелони испрати дополнителни 500 војници во Милано, а дел од луксузните продавници превентивно ги заштитија излозите, известува Асошиејтед прес.

Денешните протести следуваат по нередите на 17 и 18 октомври, кога во Милано и други северни градови имаше судири со полицијата, грабежи и оштетување продавници. Полицијата тогаш соопшти дека само за неделните нереди во Милано однела во станици 271 лице, од кои 32 биле уапсени, пренесе Ројтерс на 19 октомври.

По тие случувања, владата на 20 октомври одобри пакет безбедносни мерки, меѓу кои построги казни за учесници во насилни нереди и финансиска одговорност за родители чии деца учествуваат во вандализам и грабежи. По првиот викенд на судири се појавија и нови повици за мобилизација преку социјалните мрежи, меѓу нив од група што се претставува како „Движење 17 октомври“. Според „Еуроњуз“, таа ги менувала најавените собирни места и ги објавувала новите непосредно пред маршевите. Во протестите паралелно учествуваат студентски и антивоени организации со различни барања и начини на дејствување.

И покрај засилените мерки, протестите продолжија на 24 октомври. Во Рим, Торино и Болоња повторно имаше судири, додека маршевите во Милано поминаа претежно мирно. Ројтерс наведе дека неговите известувачи не забележале грабежи или вандализирање имот на демонстрациите што ги следеле тој ден