Бугарскиот бизнисмен и поранешен европратеник Слави Бинев е застрелан утрово во софиската населба Павлово. Убиството се случува во време на изборен молк во пресрет на претседателските избори.
Тројца осомничени се приведени на автопатот „Тракија“, објави бугарската телевизија БТВ, повикувајќи се на извори од Министерството за внатрешни работи. Нерасчистени финансиски односи се главната верзија што ја проверуваат истражителите, соопшти главниот секретар на бугарското МВР, Љубомир Николов.
Според информациите од полицискиот брифинг што ги пренесува бугарскиот портал „Актуално“, приведените го познавале Бинев и биле негови гости. Се занимавале со градежништво, а истражителите ги проверуваат нивните деловни и финансиски односи со убиениот. Николов навел дека нивната фирма гради два комплекса во Софија.
Според првичните информации што ги пренесуваат бугарските медиуми, работник во куќата на Бинев слушнал истрели, а потоа го пронашол застрелан. Екипата на итната помош пристигнала за седум минути, но лекарите само ја констатирале смртта.
Бугарското национално радио пренесува дека полицијата пронашла две оружја. Според Николов, едното најверојатно било исфрлено непосредно пред запирањето на автомобилот, додека другото било пронајдено во чанта кај еден од приведените.
Убиениот Бинев контроверзен бизнисмен и европратеник
Бинев беше познат во бугарската јавност преку спортот, бизнисот и политиката. Бинев се прослави како европски шампион во теквондо, а подоцна ја предводеше Бугарската федерација во овој спорт. Паралелно развиваше бизниси во обезбедувањето, градежништвото и угостителството. Преку компании со кои раководеше, меѓу кои „МИГ груп“, управуваше со познати софиски ноќни клубови како „БИАД“, „Библиотеката“ и „Империал“.
Имаше бизниси во обезбедувањето, градежништвото и угостителството, а беше и европратеник и пратеник во бугарското Народно собрание.
Неговото деловно минато беше проследено со контроверзии, пишуваат бугарските медиуми. Неговата компанија се спомнува во една од најпознатите афери во светот со протекување на информации Викиликс (WikiLeaks). Во американска дипломатска депеша од 2005 година, објавена преку Викиликс , „МИГ груп“ се споменува во контекст на организираниот криминал, со наводи за проституција, наркотици и трговија со украдени автомобили.
Во 2014 година неговото назначување за претседател на парламентарната комисија за култура и медиуми предизвика протести на културни работници и новинари, како и противење од јавните сервиси БНТ и БНР. По дванаесетдневно незадоволство, тој поднесе оставка на 8 декември. БНТ тогаш потсети и на инцидент од 2012 година, кога, според телевизијата, Бинев и негови приврзаници се обиделе насилно да влезат во нејзината зграда поради незадоволство од медиумското известување.
Неговото име се појавуваше и во хрониките за насилните судири меѓу обезбедувачките групации во деведесеттите. Во 1993 година беше претепан и киднапиран при напад врз спортскиот комплекс „Дескрим“, а во 2000 година беше нападнат од Георги Илиев во клубот „БИАД“, по што следуваше судска постапка против Илиев.
Убиството на поранешниот европратеник Слави Бинев во Софија е дел од серија тешки криминални инциденти во земјата. Неговото убиство е трет случај на убиен бизнисмен во Бугарија во последните три месеци, според прегледот на БТВ. На 30 септември во Пловдив беше убиен Илијан Филипов, поврзан со транспортниот и градежниот сектор и со фудбалскиот клуб „Ботев“ од Пловдив. Во јули беше убиен и бизнисменот Владимир Јанков.
Политичката кариера ја почна преку националистичката „Атака“, од чии листи двапати беше избран за европратеник. Подоцна го основа движењето ГОРД и стана пратеник преку Патриотскиот фронт, а во 2017 година беше кандидат на ДПС. Неговиот избор за претседател на парламентарната комисија за култура и медиуми во 2014 година предизвика протести на уметници и новинари, по кои поднесе оставка.


