Смртни закани и закани за силување на нивните деца за српски новинари по објавен текст за криминални врски на луѓе од власта

Објавено:

Закани за мачење и сексуално насилство врз деца, како и смртни закани добиле двајца истражувачки новинари на српскиот неделник „Радар“, откако објавиле текст за наводни директни врски меѓу претставници на власта и криминални структури, поткрепен со комуникации преку криптираната апликација „Скај“. Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) бара итна реакција од полицијата и обвинителството, предупредувајќи дека заканите достигнале загрижувачко ниво, објавија дел од спрските медиуми.

Новинарите Вук Цвијиќ и Милан Радоњиќ со години истражуваат организиран криминал, корупција и поврзаност на криминалните групи со државните структури. Но, по последното истражување објавено во „Радар“, заканите што ги добиле повеќе не биле насочени само кон нив, туку и кон нивните семејства.

Во вознемирувачките коментари објавени под новинарскиот текст, според НУНС, се споменувале убиства, мачење и сексуално насилство врз нивните деца.

„Ни се закануваат дека ќе ни ги убијат децата. Одвратни закани. И Милан и јас очекувавме закани, за жал, но не очекувавме да бидат толку одвратни“, изјавил Цвијиќ за Н1.

Заканите следувале по објавувањето на истражувачки текст за комуникации преку апликацијата „Скај“, за кои новинарите на „Радар“ тврдат дека укажуваат на директни врски меѓу претставници на власта и криминални лица.

Овие наводи се предмет на новинарското истражување и не претставуваат судски утврдени факти.

НУНС бара надлежните институции веднаш да ги идентификуваат лицата што ги испратиле заканите и да преземат мерки за заштита на новинарите и нивните семејства.

Адвокатот на здружението, Раде Ѓуриќ, предупредува дека директните извршители не мора нужно да бидат и оние што ги осмислиле заканите.

Според него, дополнителен проблем создаваат јавните пораки со кои критичките новинари се претставуваат како предавници, странски платеници и непријатели на државата.

Ѓуриќ изразува страв дека ваквите закани еден ден би можеле да бидат реализирани, особено ако институциите не обезбедат ефикасна заштита.