Хајдук го победи Ајакс, а пред натпреварот имаше фашистички скандирања и насилни инциденти

Објавено:

Глорификација на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер, усташтвото, нацизмот и концентрационите логори, фашистички скандирања и насилни инциденти го засенија фудбалскиот натпревар меѓу Хајдук и Ајакс во Конференциската лига на УЕФА, што се одигра на стадионот „Пољуд“. По дводневни инциденти и немири, навивачките насилници се обидоа да го прекинат и натпреварот кој заврши со победа на Хајдук со два спрема еден.

Сплитската полиција во средата соопшти дека привела шестмина хрватски државјани во врска со физички напади врз двајца холандски државјани, кои се здобиле со полесни повреди. Уште десетмина хрватски државјани биле приведени поради поседување забранети предмети.

Во претходните два дена сплитската полиција привела стотина навивачи, главно на домашниот клуб, кои во различни делови од градот им поставувале заседи на навивачи на Ајакс, а потоа ги тепале. Четворица Холанѓани побарале помош во сплитската болница, каде што им биле утврдени полесни телесни повреди.

Хрватските медиуми јавуваат за скандалозно навивање на припадниците на Торцида кои во колона се движеакон стадионот пред натпреварот. Толпата се движење позади автомобил на кој беше закачен мртовечки ковчег обоен во сина боја, и пишува „Ајакс“ извикувајќи „Аушвиц, Аушвиц“, „стани Адолфе“, и песни против Евреите.

И за време на натпреварот имало инциденти. До прекинот дојде во 75-тата минута откако беа запалени голем број на факли и фрлени пиротехнички средства кон теренот од навивачите на северната трибина, поради што главниот судија привремено ги испрати играчите во соблекувалните. Натпреварот беше во прекин повеќе од десет минути со официјално предупредување од разгласот дека нов инцидент ќе го означи конечниот крај на мечот.

Ваквото однесување би можело да донесе сериозни проблеми за сплитскиот клуб, кој веќе може да стравува од дисциплински мерки од УЕФА, доколку инцидентите бидат предмет на постапка од страна на УЕФА.

Хрватската полиција потврди дека е во тек кривична истрага поради непримерените и скандалозни повици за време на маршот.

„За време на маршот на домашните навивачи беа забележани повици со елементи на казнива содржина. Во тек е кривична истрага со цел утврдување на сите факти и идентитетот на сторителите, како и нивно понатамошно процесуирање“, стои во соопштението од полицијата.

Заменик-началникот на полицијата, Дамир Бариќ, во интервју за „Дневник“ изјави дека засилените безбедносни мерки се спроведуваат „додека последниот навивач на гости не ја напушти територијата на Република Хрватска“.

„Очекуваме дека во случајот со Сплит, тоа ќе биде некаде утре вечер, а потоа редовните полициски сили ќе продолжат да го обезбедуваат градот“, рече тој.

Со овој натпревар Хајдук требаше да се врати на европската сцена во групната фаза по 16 години.