ФОТО: Македонските фудбалери со Даунов синдром се балкански шампиони

Објавено:

Македонскиот фудбалски тим „Карпошово“, составен од спортисти со Даунов синдром и лесна интелектуална попреченост, го освои првото место на Балканското првенство во фудбал, кое од 2 до 4 октомври се одржа во Софија, Бугарија, објави Фудбалската репрезентација на Македонија, која сподели фотографии на нивните овицијални профили на социјалните мрежи.

На натпреварувањето учествуваа екипи од Македонија, Бугарија, Србија и Хрватска, а турнирот беше организиран од Федерацијата за адаптирана физичка активност на Бугарија. Натпреварите се одиграа на терените на Воената академија „Георги С. Раковски“ во Софија.

Клубот е дел од проектот „Фудбал за сите деца“, кој се реализира со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија и Фондацијата за деца на УЕФА. Преку овој проект, децата и младите со интелектуална попреченост добиваат можност активно да спортуваат, да ги развиваат своите способности и да бидат дел од фудбалската заедница.

Триумфот во Софија испраќа важна порака за еднаквите можности во спортот. Со соодветна поддршка и пристап, лицата со попреченост можат да тренираат, да се натпреваруваат и да постигнуваат значајни резултати на меѓународната сцена.