Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се подготвува почеток на обемни истражувања на нафта, гас и минерални ресурси на Гренланд.
Тој не изнесе детали за плановите за истражување на Гренланд, но рече дека има експерти кои тврдат дека количествата лесно достапна нафта се многу поголеми отколку во речиси која било друга копнена област во светот.
САД, Данска и Гренланд минатиот месец потпишаа договор чија цел е да се стави крај на тензиите по повторените закани на Трамп дека ќе ја преземе контролата врз овој стратегиски лоциран остров, богат со минерални ресурси.
„Секој иден напад врз Соединетите Американски Држави ќе мора да дојде преку Гренланд, каде што нашата одбрана редовно ќе соборува беспилотни летала, проектили или кој било друг вид оружје што сè уште не е ни осмислено“, додаде Трамп во објавата на социјалната мрежа Truth Social.
Договорот што го потпишаа САД, Данска и Гренланд ја проширува улогата на американската војска на Гренланд и го отвора патот за воспоставување две нови воени бази и за поставување на противракетниот одбранбен систем на Трамп, „Златна купола“ (Golden Dome).
Истовремено, со договорот повторно се потврдуваат данскиот суверенитет и правото на жителите на Гренланд на самоопределување.


