На поранешен украински воен офицер денеска му почнува судењето во Германија под обвинение дека организирал тајна операција во која во септември 2022 година беа кренати во воздух гасоводите „Северен тек“, со што Западна Европа остана без најголемиот извор на руски природен гас.
Осомничениот, кој во согласност со германските правила за заштита на приватноста е именуван само како Сергиј К., е обвинет дека предводел група украински оперативци, меѓу кои нуркачи и експерт за експлозиви, во една од најголемите операции за саботажа на инфраструктурата во современата историја.
Случајот ќе овозможи првпат јавно да бидат изнесени доказите собрани во текот на повеќегодишната истрага, која ѝ создаде дипломатски и политички тешкотии на германската влада.
Германија и натаму цврсто ја поддржува Украина, и покрај тоа што истрагата упатува на Киев како можен учесник во саботажата, истакнува Ројтерс.
Обвинителите тврдат дека Сергиј К., кој минатата година беше уапсен во Италија врз основа на меѓународна потерница, заедно со други припадници на војската ја планирал тајната операција во име на засега неименувани украински државни институции.
Сергиј К. негирал каква било вмешаност во експлозиите што го разнеле гасоводот долг 1.200 километри во Балтичко Море.
И владата во Киев негира каква било вмешаност, што претставува чувствително прашање во односите со Германија, најголемиот европски снабдувач на Украина со воена помош.
Руската влада во понеделникот соопшти дека очекува правична пресуда со која ќе бидат откриени имињата на извршителите и на нарачателите на операцијата.
Германските обвинители тврдат дека дејствијата за кои се товари Сергиј К.- напади врз цивилни цели и предизвикување експлозии со кои биле уништени инфраструктурни објекти и биле нарушени јавните услуги- би можеле да се квалификуваат како воено злосторство.
Наводната цел била да ѝ се оневозможи на Русија да остварува значителни приходи од странство, откако претходно истата година започна инвазија од големи размери врз Украина.


